Српските студенти, кои ги блокираат факултетите во земјата, утрово во 10 часот ја блокираа Автокоманда, урбана населба и една од најголемите сообраќајни клучки во Белград, а сообраќајната полиција претходно го стопирала сообраќајот кон и од Автокоманда.
Под слоганот: „Под наша (авто) команда“, студентите во блокадата најавија дека ќе ја блокираат Автокоманда 24 часа. Таму има амбулантни возила, цистерна за вода, големи контејнери за смет, мобилни тоалети, според информациите од српското МВР и локалната самоуправа.
Студентите се појавија во неколку групи. Сообраќајот беше блокиран по улиците каде што поминуваат колоните студенти, вклучително и автопатот од Нов Белград до „Газела“, а колоните учесници на протестот се обезбедени од полицијата.
Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ во изјава за медиумите соопшти дека сообраќајот на Автокоманда ќе биде пренасочен и ги повика организаторите да бидат одговорни, нагласувајќи дека полицијата ќе дејствува за да спречи евентуален инцидент.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, пак, претходно ја повикал полицијата целосно да ги обезбеди сите учесници и да им помогне на белграѓани да создадат услови за нормален живот и функционирање.
Студентските групи продолжуваат со блокадата на факултетите, тврдејќи дека четирите барања што ги поставиле на почетокот на протестот не се целосно исполнети.
Извор: studiob.rs
Фото: Platform X