X
 27.06.2025 Живот

ОН предупредуваат: Трговијата со кокаин достигнува рекордни нивоа, расте бројот на корисници

Светската трговија со кокаин продолжува забрзано да расте, достигнувајќи нови рекорди во 2023 година, покажува најновиот извештај на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал. Според ОН, кокаинот е моментално најбрзорастечка илегална дрога во светот.

Според процените, глобалното нелегално производство на кокаин пораснало за околу една третина и достигнало повеќе од 3.708 тони. Овој пораст главно се припишува на проширувањето на плантажите со листови од кока во Колумбија, како и на новите податоци кои покажуваат дека приносот по хектар бил за околу 50 отсто поголем отколку во 2022 година.

Бројот на корисници на кокаин исто така бележи пораст. Се проценува дека во 2023 година околу 25 милиони луѓе во светот ја користеле оваа дрога, наспроти 17 милиони пред десет години.

Најголемите пазари за кокаин остануваат Северна Америка, Западна и Централна Европа, како и Јужна Америка.

Извештајот укажува и на значително ширење на пазарот со синтетички дроги, како амфетамин и метамфетамин. Причините за тоа се ниските трошоци за производство и помалата можност за откривање.

Заплените на стимуланси од типот на амфетамин достигнале рекордни нивоа, сочинувајќи речиси половина од сите глобални заплени на синтетички дроги, додека синтетичките опиоиди, вклучително и фентанилот, продолжуваат да претставуваат сериозна закана.

ОН предупредуваат дека растот на овие пазари има сериозни последици врз јавното здравје, безбедноста и развојот, и упатува повик за засилена меѓународна соработка во борбата против трговијата со наркотици.

Извор: Euronews.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот