Една од најпрепознатливите и најнеобични згради во Соединетите Американски Држави, поранешното седиште на компанијата „Лонгабергер“, кое е во облик на џиновска кошничка за пикник, повторно е на пазарот за недвижности. Оваа архитектонска знаменитост со седум ката, сместена во Њуарк, Охајо, се продава за 8,5 милиони долари, но со еден услов - новиот сопственик мора да се обврзе дека ќе го зачува нејзиниот изглед. Зградата, која се протега на речиси 17.000 квадратни метри, со години стои празна.
Сегашниот сопственик Стив Кун е познат како страстен поборник за зачувување на историските градби и дури ја има примено наградата „Херој на зачувувањето“ од организацијата „Херитиџ Охајо“. Неговата посветеност е видлива и во продажбата на овој објект. Кун експлицитно нагласи дека зградата ќе ја продаде исклучиво на купувач кој ќе го задржи нејзиниот препознатлив облик на кошничка. Наводно веќе одбил една понуда бидејќи потенцијалниот купувач имал намера да ги отстрани масивните рачки што го красат врвот на зградата и со тоа да ја уништи нејзината вредност. Неговиот став е јасен и бескомпромисен.
- Мора да остане кошничка, инаку нема да ја продадам - изјави Кун.
Овој единствен деловен простор неодамна повторно дојде во центарот на светското внимание благодарение на објавата на популарниот профил „Зилоу гон вајлд“, кој го следат повеќе од два милиони луѓе на „Инстаграм“ и кој прикажува неконвенционални недвижности низ САД. Објавата предизвика лавина коментари. Агентот за недвижности Брендон Хес потврди дека Кун бара вистински купувач кој ќе го препознае потенцијалот и ќе го искористи или обнови објектот, но со почит кон неговата оригинална визија.
Приказна за подемот и падот на американскиот сон
Приказната за зградата е поврзана со нејзиниот творец, Дејв Лонгабергер, основач на истоимената компанија. Неговата визија за седиштето на компанијата беше исто толку неконвенционална колку и неговиот деловен пристап. Легендата вели дека во 1997 година, за време на состанок со архитектите, Лонгабергер на конференциската маса ја ставил омилената кошничка од своето производство, моделот „Медиум маркет баскет“, и рекол:
-Ова е тоа што го сакам. Ако вие не можете да го направите, ќе најдам некој што може.
Неговата желба беше исполнета кон крајот на истата година, кога петстотини вработени во компанијата се вселија во новото седиште вредно 32 милиони долари - реплика на кошничката, зголемена дури за 160 пати.
Компанијата „Лонгабергер“, основана во 1973 година, беше вистински деловен феномен. Користејќи модел на мултилевел маркетинг, сличен на оној на „Ејвон“ или „Мери Кеј“, компанијата до 2000 година остваруваше приход од милијарда долари годишно, вработуваше повеќе од осум илјади луѓе и имаше продажна мрежа од 45.000 независни консултанти. Нивните рачно изработени кошнички од јаворово дрво станаа статусен симбол и колекционерски предмет во домовите низ Америка, а седиштето на компанијата стана туристичка атракција која дневно ја посетуваа и до дваесет автобуси со обожаватели. Но, по смртта на харизматичниот основач во 1999 година, во комбинација со економската криза и промената на вкусовите во уредувањето на ентериерот, продажбата почна вртоглаво да опаѓа. Компанијата во 2016 година го напушти своето седиште, а две години подоцна целосно престана со работа.
Иако однадвор изгледа како џиновска кошничка, зградата всушност е врвен пример за инженерство и функционален дизајн. Изградбата претставуваше голем предизвик бидејќи горните катови се пошироки од долните, имитирајќи го обликот на вистинска кошничка. Двете масивни челични рачки кои се издигнуваат над покривот тежат речиси 150 тони. Во нив е вграден посебен систем за греење кој во зима спречува акумулација на мраз што би можел да падне и да го оштети стаклениот покрив на атриумот. На страничните делови на зградата се наоѓаат две позлатени плочки со логотипот на компанијата, секоја долга по 7,5 метри и тешка над 300 килограми. Надворешноста на зградата е обложена со штукатура, која верно ја имитира плетената структура на дрвена кошничка, а поради специфичниот дизајн, зградата има 84 прозорци.
Може да прими повеќе од петстотини вработени, а на располагање се 555 паркинг-места
Во внатрешноста на зградата има импресивен атриум со стаклен покрив на површина од 3.000 квадратни метри, кој создава чувство на пространост и светлина. Во ентериерот доминира дрвенарија изработена од црешово дрво, исечено од блискиот голф-терен во сопственост на компанијата. Зградата е опремена како првокласен деловен простор, со медиумска соба, фитнес-сала, стаклени лифтови со поглед на атриумот и неколку кујни. Може да прими повеќе од петстотини вработени, а на располагање се 555 паркинг-места, од кои 25 се сместени во загреана подземна гаража наменета за раководството. И покрај тоа што со години е празна, дигиталниот креатор Марк Сергел, кој во 2024 година доби ретка можност да влезе внатре, објави фотографии кои покажуваат дека ентериерот е во изненадувачки добра состојба.
Откако вработените ја напуштија зградата во 2016 година, нејзината иднина стана неизвесна. Поради неплатени даноци, ѝ се закануваше присилно извршување, но беше спасена во декември 2017 година кога Стив Кун ја купи за 1,2 милиони долари, што претставуваше само мал дел од нејзината вистинска вредност. Кун првично планираше да ја претвори во луксузен бутик-хотел со 150 соби, ресторан и внатрешен базен, но тие планови пропаднаа поради пандемијата на ковид-19.
Фото: принтскрин/јутјуб