X
 27.08.2025 Живот

На овој остров ги обожаваат своите баби: нивните ликови ги красат улиците, кафулињата и хотелите

Внатрешноста на Сардинија, далеку од туристичките плажи, открива поинакво лице на островот - она на „црните баби“. Станува збор за постари жени облечени во црно чии ликови денес се насликани на ѕидови, кафулиња и хотели.

Историски гледано, овие жени ги чувале домовите, семејствата и земјата. Додека мажите војувале или заминувале во потрага по работа, тие ги обработувале полињата, чувале деца и стока и го одржувале животот на заедницата.

Симбол на силата, а не на тагата


Во селото Олиена, на пример, на старите куќи можат да се видат мурали на жени облечени во црно, понекогаш прикажани и со оружје во рацете - симбол на нивната улога како чувари на домот и земјата.

1

Во хотелите и рестораните црно-бели фотографии на баби со сериозен и достоинствен израз се поставени на видно место. Мештаните објаснуваат дека тие не се симбол на тага, туку на сила и издржливост. Жените отсекогаш биле столб на семејството, а без нив Сардинија немало да опстане.

Носењето црна облека некогаш било секојдневие за многу семејства. Вдовиците, но и постарите жени често целиот живот носеле темна облека. Со текот на времето оваа традиција прераснала во метафора за отпорност и достоинство.

Затоа не е изненадување што денес нивните ликови се присутни насекаде - на улични мурали, во кафулиња, ресторани и хотелски рецепции. Тие не се обичен украс, туку културен манифест и потсетник на историската улога што ја одиграле жените во опстанокот на островот.

2

Тивки хероини на Медитеранот

„Црните баби“ станаа препознатлив симбол на Сардинија. Тие ги претставуваат силата, достоинството и пркосот на островот. Нивните ликови денес сведочат за колективната меморија и за почитта кон генерациите што го носеле товарот на своите рамена.

Оваа уникатна култура ги прави „црните баби“ не само локален, туку и медитерански симбол на женска моќ и истрајност.

Извор: Putnikofer.hr
Фото: Sardegnaturismo.it
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот