Криминалците сè поинтензивно се користат со нови технологии за да ги направат телефонските измами поуверливи, а тоа значи и користење вештачка интелигенција за нови видови измами.
Како што пренесува Феникс магазин, ако се јавите на повик од непознат број, а од другата страна нема одговор, ситуацијата може да биде безопасна – можеби некој згрешил број. Но, исто така, може да биде и прв чекор кон обид за измама. Платформата за проверка на факти „Мимикама“ предупредува дека зад таквите повици најчесто се наоѓаат автоматизирани системи кои по случаен избор или систематски повикуваат голем број телефонски броеви.
На криминалците не им е до разговор, туку им е доволно да утврдат дека бројот е активен и дека на него некој се јавува. Ако лицето го пропушти првиот повик и потоа возврати, не е реткост да заврши во скапа телефонска замка. Освен што тој возвратен повик може скапо да се наплати, може да биде поврзан и со обид за кражба на податоци или со последователна измама. Бидејќи криминалците во последно време користат вештачка интелигенција за да го клонираат гласот на лицето што се јавува на телефон и да го искористат за нова измама. „Војс фишинг“ користи примерок од гласот на некое лице за да се обиде да прелаже членови на семејството, пријатели или други познати лица. Најчесто лицето прима повик, а од другата страна лицето чиј глас е „украден“ моли за помош бидејќи било во сообраќајна несреќа или го изгубило паричникот. Измамата е исклучително уверлива и луѓето често наседнуваат на неа. Освен тоа, измамниците често се служат со техниката „спуфинг“ (spoofing) која на екранот од телефонот прикажува кој било телефонски број. Така може да изгледа како повикот да доаѓа од банка, полиција или некоја друга доверлива институција иако во реалноста не е така. Феникс магазин истакнува дека измамниците често по случаен избор избираат голем број телефонски броеви, а не е реткост ниту да користат бази на податоци од наградни игри или јавно достапни податоци од социјалните мрежи.
Како да се заштитите од телефонски измами?
Експертите имаат неколку едноставни совети за заштита. Ако по јавувањето никој не се огласи или не се слушне автоматизирана порака, веднаш прекинете го повикот. На прашањето „Ме слушате ли?“, немојте да одговарате со „Да“. Немојте преку телефон да оддавате никакви лични податоци. Дури и ако ве повикуваат од банка или штедилница, сигурно од вас нема да побараат да им го издиктирате својот број на сметка. Немојте да возвраќате повици на непознати броеви. Вклучете заштита од несакани повици на вашиот паметен телефон. Исто така, добра практика е запишувањето во регистарот „Не ѕвони“ за да го отстраните вашиот телефонски број од легалните бази на податоци за рекламирање. Уште еден совет може добро да дојде во време на вакви напредни измами. Со домашните и членовите на семејството договорете клучен збор, кој е возможно да се вметне во разговорот, а кој ќе ви сигнализира дека тоа е вистинското лице.
Фото: magnific