X
 27.10.2025 Живот

Луксузен хотел во пештера на југот на Италија е чудо од пет ѕвездички

По осум години подготовка, неодамна отворениот „Ветера Матера“ е најновиот проект за регенеративен туризам во италијанската покраина Базиликата.

Древниот италијански град Матера е успешна приказна за регенеративен туризам. За само 50 години, градот се претвори од „срам на Италија“ во бисер на листата на светско наследство на УНЕСКО. Појавувањата во филмови како што е филмот за Џејмс Бонд - „Нема време за умирање“, помогна да се привлечат посетители, а сè поголем број хотелиери почнаа да ги претвораат природните пештерски куќи на стариот град во луксузен сместувачки капацитет.


Хотел „Ветера Матера“

Најнов во тој клуб е „Ветера Матера“, хотел со пет ѕвездички што се отвори во април.

Како и другите пештерски хотели во Матера, хотелот е чудо на инженерството и архитектурата. Многу од неговите 23 соби се наоѓаат во вертикално наредени пештерски куќи од варовник, во една од градските населби Саси. (Саси се однесува на две ридски населби каде што семејствата живееле во лоши услови, со животни внатре, до 1952 година, кога биле преселени 20.000 жители.) Неколку соби се во понова зграда и имаат класичен хотелски стил со големи прозорци, но вистинската атракција се пештерите.

Куќи-музеи и цркви во карпа

Во близина се наоѓаат куќи-музеи кои го покажуваат снаодливиот начин на живот на луѓето, додека реставрираните карпести цркви имаат фрески од 13 век, но речиси ништо друго внатре.

Има клима-уреди, приклучоци за струја и УСБ-влезови, а има и прекинувачи за светло вградени во ѕидовите и во најоддалечените делови од пештерите. Осветлувањето е доволно за да го компензира фактот дека природната светлина доаѓа само од влезната врата. Има стандардни тоалети, двојни мијалници и пространи тушеви со топла вода. Некои соби имаат и големо внатрешно џакузи.


Реновирањето и изградбата траеле околу осум години

Не е изненадување што реновирањето и изградбата траеле околу осум години. Тоа бил чин на љубов од страна на италијански стоматолог, кој постепено купувал пештерски куќи и независни згради, сонувајќи да создаде хотел. Ја оживеал визијата во партнерство со семејството Русо-Атанасио, италијански хотелиери.

Исто така, инвестирале во угостителската страна, па наскоро се планира отворање на бар на покривот.

По ова следува посериозна кулинарска понуда, послужена во огромен подземен ресторан со иста стилизирана пештерска естетика како и собите. Главниот готвач Едуардо Естатико комбинира идеи од неговото неаполско детство, со состојки од Базиликата и Апулија. Неговото амбициозно мени за дегустација често се менува, но секогаш внесува високо ниво на техника во јадењата, како што се предјадење од црвени ракчиња во солен еклер со панакота од млад кромид и шпагети со остриги, зелени чили пиперки, морски планктон и кавијар од лимета.


Спа-центар

Дополнително, во друга пештера има целосен спа-центар, со голем базен со топла вода. Се организираат и активности надвор од хотелот, во еден од најфасцинантните градови во Јужна Италија. Нивните внимателно избрани водичи водат тури низ Саси, додека друга тура ги запознава гостите со традицијата на правење леб во Матера.

Извор: forbes.n1info.rs

Фото: Instagram screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот