X
 27.11.2025 Здравје

Плантарен фасциитис: симптоми, дијагноза и лекување

• Дефиниција

Плантарниот фасциитис е една од најчестите причини за болка во петата. Претставува воспаление на плантарната апоневроза или фасција, која се протега низ долниот дел на стапалото, ја поврзува коската на петата со прстите. Плантарниот фасциитис најчесто предизвикува прободувачка болка што често се јавува веднаш, со првите чекори наутро. Како што станувате и се движите, болката обично се намалува, но може да се врати по долги периоди на стоење или кога станувате по седење. Оваа состојба е почеста кај тркачи и кај луѓе со прекумерна тежина.

Симптоми

Плантарниот фасциитис обично предизвикува прободувачка болка во долниот дел од стапалото, близу до петaта. Болката е обично со најголем интензитет со првите неколку чекори по будењето, иако може да биде предизвикана и од долги периоди на стоење.

Причини

Плантарната фасција е лента од ткиво, наречена фасција, која ја поврзува коската на петата со основата на прстите. Таа го поддржува лакот на стапалото и има функција да го апсорбира ударот при одење.

Напнатоста и стресот врз фасцијата може да предизвикаат мали руптури, односно раскинувања. Повтореното истегнување и кинење на фасцијата може да ја иритира или воспали, иако причината за оваа состојба сепак останува нејасна, во многу случаи на плантарен фасциитис.

• Фактори на ризик

Иако плантарниот фасциитис може да се развие без очигледна причина, некои фактори можат да го зголемат ризикот од развој на оваа состојба. Тие вклучуваат:

Возраст. Плантарниот фасциитис е најчест кај луѓе на возраст меѓу 40 и 60 години;

Одредени видови вежби. Активностите што предизвикуваат голем стрес на петата и околното ткиво - како што се трчање на долги патеки, балетско танцување и аеробен танц;

Механика на стапалото. Рамните стапала, неправилното одење, можат да влијаат врз начинот на кој се распределува тежината кога стоите и можат да придонесат за дополнителен стрес на плантарната фасција;

Дебелина. Вишокот килограми придонесува за зголемен стрес на вашата плантарна фасција;

Работни обврски. Фабричките работници, наставниците и др. професии кои го поминуваат поголемиот дел од работното време одејќи или стоејќи на тврди површини;



• Како се чувствува плантарниот фасциитис?

Плантарниот фасциитис обично предизвикува болка или болна осетливост во петата или по должината на долниот дел од стапалото. Болката може да се менува, во зависност од вашата активност или од времето од денот. Некои видови болка што може да ги почувствувате се:

Болка кога станувате по спиење или седење. Болката обично исчезнува по одење;

Тапа болка. Вежбањето или движењето може привремено да ја ублажи болката, но обично ќе се влоши штом ќе престанете;

Остра или прободувачка болка кога го користите засегнатото стапало или вршите притисок врз петата.

• Дијагноза и тестови

Како се дијагностицира плантарен фасциитис?

Најчесто се дијагностицира при самиот клинички преглед. Лесен притисок на вашата плантарна фасција може да е болно осетлив.

Кои тестови ги користат здравствените работници за дијагностицирање на плантарен фасциитис?

На здравствениот работник обично нема да му бидат потребни никакви тестови за да дијагностицира плантарен фасциитис. Некои имиџинг-техники што можеби ќе бидат потребни се:

Рендген.
Ултразвук.
МРИ.

• Како се лекува плантарниот фасциитис?

Иницијално се третира конзервативно. При подолго перзистирање на гореспоменатите тегоби, време е да посетите стучно лице, односно специјализирано лице за овие состојби..

• Најчестите третмани за плантарен фасциитис се:

НСАИЛ: НСАИЛ (како аспирин, ибупрофен и напроксен) ја намалуваат болката и воспалението. Не земајте НСАИЛ повеќе од 10 дена по ред, без да разговарате со здравствен работник;

Одмор: Направете пауза од спортување или учество во активноста што го предизвикала плантарниот фасциитис најмалку една недела (доколку е можно);

Ладење на стапалото: 10 до 15 минути, двапати на ден. Покријте замрзнато шише со вода со тенок пешкир за да ја заштитите кожата, а потоа замотајте го по долниот дел од стапалото за да го масирате воспалението;

Носење потпорни чевли: Носете цврсти, добро обложени чевли. Не носете сандали, апостолки или други рамни чевли без вградена потпора за сводот на стапалото. Не одете боси;

Ортопедски влошки или влошки за чевли: Можете да додадете влошки во вашите чевли кои додаваат дополнителна потпора за сводот. Вашиот лекар ќе ви предложи или готови влошки што можете да ги купите без рецепт или ортопедски влошки изработени по нарачка кои се обликувани според точниот облик на вашето стапало;

Имобилизација: Носењето имобилизација во тек на неколку недели ќе го држи вашето стапало на место и ќе го намали притисокот врз вашата плантарна фасција. Вашиот лекар ќе ви каже колку долго треба да го применувате истото;

Кортикостероиди: Кортикостероидите се антиинфламаторни лекови. Вашиот лекар може да инјектира кортикостероид (како преднизон) директно во вашата плантарна фасција;

Плазма богата со тромбоцити (PRP): PRP обично се инјектира за лекување и поправка на повреди;

Shock-wave терапија: Тоа е форма на терапија со ударни бранови. Се изведува со примена на концентрирани акустични бранови (звучни бранови) за да го зголеми протокот на крв во вашата плантарна фасција. Ова го поттикнува нејзиното побрзо заздравување;

Перкутана иглена тенотомија: За време на перкутаната тенотомија, вашиот лекар ќе прободе игла низ вашата кожа во вашата плантарна фасција. Вашето тело испраќа повеќе крв од вообичаеното во областа, што ќе ја стимулира способноста на вашата плантарна фасција да се репарира, односно поправи;

• Оперативен третман на плантарен фасциитис

Третманите наведени погоре се обично сè што ви е потребно за да ги ублажите симптомите и правилно да го излекувате плантарниот фасциитис. Двата најчести типа операција вклучуваат:

Елонгација на гастрокнемиус: Вашиот хирург ќе ги продолжи мускулите на листот за да го намали притисокот врз вашата плантарна фасција.

Ослободување на плантарна фасција: Вашиот хирург ќе направи мали засеци (резови) во вашата плантарна фасција за да ослободи дел од веќе напнатата фасција.

Вашиот лекар или хирург ќе ви каже кој тип операција ќе ви биде потребен за лекување на плантарен фасциитис.



• Прогноза

Треба да забележите дека симптомите на плантарен фасциитис се подобруваат веднаш штом ќе почнете да ги лекувате. Но, може да потрае од неколку недели до неколку месеци, за комплетно да заздрави вашата плантарна фасција.

Ако се чувствувате подобро, но потоа симптомите се вратат, обидете се со истите домашни третмани што сте ги користеле претходно. Разговарајте со вашиот лекар ако вашите симптоми се чувствуваат поинаку или полошо од претходно.

• Компликации

Игнорирањето на плантарниот фасциитис може да резултира со хронична болка во петата, што следствено ќе ги попречи вашите редовни активности. Веројатно ќе го промените одењето за да се обидете да избегнете болка од плантарен фасциитис, што може секундарно да доведе до проблеми со стапалото, коленото, колкот или грбот, односно до нарушување на неговата статика.

Автор: Корнелија Ѓорѓиеска, специјалист по ортопедска хирургија

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје