X
 27.12.2019 Култура

Првиот македонски семеен филм „Стела“ премиерно напролет

Детскиот игран филм „Стела“ по сценарио на Ева Камчевска, а во режија на Стојан Вујичиќ ќе ја доживее својата премиера напролет, соопшти денес продукциската куќа „Дрим фектори“ од Скопје. Филмот се подготвуваше две години, а снимањето заврши летово. Снимањето се одвиваше во Скопје и на живописниот Галичник, а заврши во Штутгарт, Германија.

Филмот неодамна доби помош од германскиот филмски фонд „МФГ Баден-Виртемберг“. Првпат во нашата кинематографија еден од најбогатите германски локални филмски фондови дава поддршка на македонски филм. Според продуцентот Огнен Антов, филмот ја добил една од највисоките оцени, бил препознаен како „проект со голем потенцијал, ја негува кинематографијата за деца и семејство, ги негува европските вредности“.



„Стела“ е приказна за едно куче шарпланинка, едно дете и еден дедо. Откако детето Николa ќе проба да се самоубие поради континуирано врсничко малтретирање на училиште, изгледа како никој да не може да допре до него. Тој престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствена која не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори.
Доволно е неговото постоење и среќна е од неговата близина. Детето ќе почне да се поистоветува со неа, па неговиот глас може да се слушне единствено кога лае.

Филмот го финансираат македонската Агенција за филм и Филмскиот центар на Србија.
Стојан Вујичиќ е еден од водечките македонски режисери, чиј опус вклучува многубројни кратки играни и документарни филмови и телевизиски проекти. Познат е по филмовите „Брат за еден ден“, „Допир“ и „Годините го чинат своето“, прикажувани и наградени на престижни филмски фестивали.


Актерот Тони Михајловски игра во филмот

Првпат во Македонија филмот „Стела“ се реализира како прва еко или зелена продукција. Водена од најновите светски еколошки стандарди, продукцијата се труди да ја намали емисијата на штетни гасови, да го рециклира отпадот според стандарди од Американската асоцијација на филмски продуценти.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура