X
 28.09.2019 Наша тема

На првиот екосет на детскиот филм „Стела“ се селектираше отпад, се користеше жичницата за превоз на храна, се возеше велосипед

Дури за 65 отсто помалку отпад се создал во текот на снимањето на филмот во Скопје и на Галичник благодарение на еколошкиот предзнак

Филмот „Стела“ во многу работи ќе биде пионер. Тоа е првиот македонски детски игран филм. Но, пионер е и според друга особина – тоа е првата еколошка или зелена продукција кај нас. Продуцентите од „Дрим фактори“ и целата екипа што работеше на филмот се потрудија што помалку да ја загадат природата, да не користат пластика, да го селектираат отпадот...
Филмот по сценарио на Ева Камчевска се снимаше во средината на јуни, во Скопје и на Галичник. Последната фаза од снимањето беше одложена за октомври поради повреда на главниот актер Петар Маниќ, но се очекува да продолжи во октомври во Штутгарт, Германија.


Секој член на продукцијата што пуши си доби свој пепелник и шише за вода

Продуцентот Огнен Антов најавува дека напролет првиот македонски филм за целото семејство, или како што тие милуваат да кажат, првиот македонски филм за деца, ќе биде премиерно прикажан.
Со него поразговаравме за тоа како ја добиле идејата за еколошка продукција.

- Идејата за првиот екосет дојде од Милан Павловски, нашиот директор на филм, кој е вљубеник во планините, екологијата и здравиот начин на живот. Потоа малку истражував, па се информирав од Здружението на продуценти на Америка и ги користев нивните прирачници, материјали и начин на работа при создавање еколошки филмски сет - објаснува Антов.


Продуцентот Огнен Антов со шарпланинката Стела

Што сѐ беше со екопредзнак за време на снимањето на филмот во Македонија? Секој член на „екипажот“ добил свој „пепелник“ за да не се загадува околината, на пример.

- За да се избегне употребата на пластични чаши, секој член доби свое шише со вода, обележано со името на филмот „Стела“. Нашиот менаџер за транспорт го правеше списокот со дневни испораки со цел да заштеди гориво. На пример, на планината Водно ја користевме жичницата за превоз на храна и понекогаш и за транспорт на екипата. Целиот наш превоз или транспорт беше извршен со возила што се Евро 4 норматив и налепници за зелена емисија на штетни гасови. Освен што користевме гондола, имавме и велосипеди оставени да ги користиме на некои од локациите. На дел од нашите локации користевме електрична енергија од главната електрична мрежа со цел да ја намалиме употребата на генератор, кој дополнително го загадува воздухот - набројува продуцентот.



Еден од најголемите предизвици им била селекцијата на отпадот. За таа цел користеле канти за отпад во различни бои. Исто така, правеле неделни состаноци со цел да пронајдат други можности за заштеда на енергија и да го направат нивниот сет уште позелен.
- Преку овој начин на правилно дејствување ние направивме нашата зелена продукција да произведе околу 65 отсто помалку отпад отколку незелените продукции.


Жичницата на Водно се користеше за превоз

Екосетот реално им потрошил повеќе време од вообичаено, особено во делот на подготовките, бидејќи требало да се направи избор на еколошки локации.
- На пример, една од локациите беше компромис. Требаше да избереме локација со енергетски ефикасен објект, бидејќи согласно препораките и прирачниците што ги користевме, задолжителен беше изборот на ваков тип објект, инаку целата приказна за екосет пропаѓаше во вода - вели продуцентот на „Стела“.
Ова можеби е и прва еколошка продукција во регионот, а сè уште е реткост и во европските земји.


Младиот Петар Маниќ ја игра главната улога

- Дури и по новите регулативи на Европската Унија кои стапија во сила во 2018 година, сѐ уште малку земји ги користат овие практики. На пример, во еден дел од нашиот филм снимањето треба да биде во Штутгарт, Германија, каде што ова ќе биде прв еколошки сет согласно новите препораки и практики од нивниот локален филмски фонд, кој пред само два месеца ги вовел новите регулативи за филмски екосет - вели Антов.


Со велосипед до достапните места - Бато Матески, асистент на камера и Ѓорѓи Клинчаров, директор на фотографија

И покрај тоа што одзема повеќе време од вообичаеното, Антов вели дека и следниот филм би го работел во екоманир.
- Без размислување, особено кога би снимале повторно во делови како националниот парк Маврово или на места на кои би било, пред сѐ, грев да бидат загадувани, сепак ние сме дел од целиот екосистем и сме директно одговорни за неговото постоење - вели тој.
„Стела“ е приказна за едно куче - шарпланинка, едно дете и еден дедо. Откако детето Николa ќе се обиде да се самоубие поради булинг во училиштето, изгледа дека никој не ќе може да допре до него. Престанува со секаква вербална комуникација. Шарпланинката Стела е единствената што не бара ништо од него, не поставува прашања, не бара одговори.



Главните улоги ги толкуваат: младата шарпланинка Стела, 12-годишниот Петар Маниќ, Дејан Лилиќ, Тони Михајловски, Симеон Дамески и Христина Поповиќ, позната од филмскиот хит „Парада“.
Филмот е копродукција на Македонија, Србија и Германија.


Од снимањето на Водно

Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема