Како да се вакцинира пчела? И дали пчеларите сакаат да го направат тоа?
Ова се прашања со кои Анет Клајзер се бори откако го основала „Далан анимал хелт“ во 2018 година. Пет години по лансирањето на стартапот, добила владина дозвола за орална вакцина создадена од нејзиниот тим. Вакцината е дизајнирана за пчеларите да им ја даваат на нивните пчели работнички, кои потоа ќе им ја пренесат на своите кралици преку матичен млеч. Сега Клајзер сака да вакцинира колку што може повеќе пчели и да помогне да се заштитат не само кошниците, туку и посевите што пчелите ги опрашуваат.
- Знаеме дека загубата на инсекти е катастрофална за светот. Не можеме да преживееме на планета без инсекти - вели Клајзер.
Вакцината на нејзиниот стартап штити од разорната бактериска болест „АФБ/AFB (American Foulbrood)“. Клајзер го гледа тоа како прв чекор кон зачувување на здравјето на околу 3 милиони пчелни колонии во САД. Ова не е единствената болест што може да ги зафати пчелите. Околу 50 проценти од колониите и милион пчели исчезнуваат секоја година поради разни болести, вклучувајќи паразити, труење со пестициди, неухранетост и стрес предизвикан од опрашување на културите. Тие бројки за пчеларите се катастрофални.
Клајзер и нејзиниот тим веруваат дека вакцините специјално дизајнирани за пчели се важни во оваа борба. Тоа ќе им овозможи на пчеларите да продолжат да патуваат со своите пчели низ земјата, за да можат да продолжат со опрашување култури како бадеми, боровинки, краставици и јаболка.
-Доколку се појави зараза со АФБ, спорите се толку отпорни што се препорачува да се убијат сите пчели и да се изгорат сите кошници - вели Том Чи, основач на „Ет Уан венчрс“.
Клајзер е доктор по неврофизиологија на Универзитетот „Лудвиг Максимилијан“ во Минхен. Таа го открила патот до вакцините додека работела за да им помогне на универзитетите да ја претворат академската работа во бизнис. При посетата на Универзитетот во Хелсинки, таа се сретнала со естонскиот биолог и зоолог Далиал Фрајтак. Тој имал необична идеја: да внесе неактивни бактерии во матицата за да ја подобри севкупната отпорност на кошницата на болести. Инсектите и другите безрбетници немаат антитела како луѓето и другите цицачи, што значи дека традиционалниот метод на создавање вакцини нема да функционира на нив.
Клајзер го искористила академското истражување на Фрајтак за да создаде вакцина. Ваквината се меша во состојките за матичен млеч што пчелите работнички и го даваат на својата матица. Резултатот е следниот: ларвите се отпорни на болеста од самиот почеток.
Како да се убедат пчеларите дека цената од 10 долари за вакцина всушност вреди?
Расел Хејткам, чија компанија продава околу 75.000 пчели матици годишно, вели дека неговите клиенти навистина сакаат да ја разберат вредноста на вакцинацијата. За комерцијален пчелар со 30.000 кошници, трошокот за вакцинација од 10 долари по матица значи дека вакцинацијата ќе чини 300.000 долари. Хејткам, кој работи со компанијата „Далан“ за тестирање на вакцината, вели дека сака да види докази оти вакцината помага за целокупното здравје на секоја колонија и им дозволува на пчелите да произведат повеќе мед. Клајзер пак, тврди дека трошоците за вакцинација ќе се исплатат многукратно бидејќи помалку пчели ќе умрат.
Извор: forbes.n1info.hr
Фото: Freepik