X
 28.02.2022 Економија

Што е СВИФТ и која е неговата улога во санкциите против Русија?

Државите низ светот воведуваат разни санкции против Русија поради тоа што ја нападна Украина. Европската Унија, Обединетото Кралство, Канада и САД во саботата изјавија дека ќе блокираат некои руски банки од банкарската мрежа СВИФТ.

Што е СВИФТ и дали мерката може да влијае врз Русија? СВИФТ (англ. SWIFT, Society for Worldwide Interbank Financial Telecommunication) претставува здружение за меѓународни, меѓубанкарски финансиски телекомуникации. Тоа е инфраструктура за финансии која ги поврзува банките во светот. Мрежата овозможува безбеден начин за банките да пренесуваат пари помеѓу себе и да вршат трансакции.

Преку мрежата, кога се испраќаат пари од една на друга трансакциска сметка, средствата често поминуваат низ повеќе банки пред да стигнат до дестинацијата. СВИФТ им овозможува на банките безбедно да ги испратат и да ги добијат средствата, притоа одбегнувајќи грешки во трансакциите.

Системот функционира во над 200 земји и територии и вклучува 11.000 финансиски институции.

Јасно е дека СВИФТ е битен за банките низ светот, но дали исклучувањето на некои руски банки од него ќе има голем ефект?

Ричард Нефју, поранешен американски владин функционер, изјавил дека исклучувањето на руските банки од СВИФТ ќе предизвика многу главоболки за граѓаните, но ефектот е преценет.

Русија веќе има сопствен систем за плаќање во кој се поврзани 23 странски банки и би можела да користи други системи за префрлање пари кои се помалку ефикасни и поскапи од СВИФТ, но функционираат, свели Нефју.

Извор: Interesting Engineering
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија