X
 28.02.2023 Живот

Од 42 инструктори за возење во Косово, само 13 положиле за обновување на лиценцата

Во Косово неодамна беше направено тестирање за лицата што сакаат да работат како инструктори по возење. Тестовите таму ги полагаат не само оние што сакаат да почнат да го работат тоа, туку и оние што веќе се инструктори. Тамошните медиуми пренесуваат за катастрофалните резултати.

Имено, од вкупно 118 кандидати што полагале писмен тест за земање и обновување лиценца за да можат да работат како инструктори за возење, само 38 успеале да го положат испитот. Од 42 инструктори што полагале, само 13 се стекнале со правото да продолжат да ја работат таа работа. Во меѓувреме од 76 кандидати што првпат го полагале испитот за земање лиценца, теоретскиот дел го положиле само 25.

Високиот број на паднати кандидати е вознемирувачки за претставниците на министерството одговорно за процесот. Берат Ганиќи, советник во косовското Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, ги истакнува како особено вознемирувачки неточните одговори на оние што веќе имаат лиценца за инструктори.

- За време на обновувањето на лиценцата речиси една четвртина од оние што полагаа го поминаа тестот, додека останатите паднаа и се очекува да полагаат повторно. Ова е големо разочарување за нас затоа што се мисли дека кандидатите што ја обновуваат лиценцата ќе го поминат тестот многу лесно, но имаме кандидати што не ги знаат ни знаците - вели Ганиќи.

Тој додава дека сличен проблем има и меѓу испитувачите.

- За нас е вознемирувачко што голем дел од кандидатите за инструктори што полагаат за обнова за лиценцата, но и за испитувачи, не успеваат да го поминат тестот и не знаат да одговорат основни прашања - вели Ганиќи.

Извор: Koha
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот