X
 28.03.2021 Живот

Мислите дека жените многу зборуваат? Истражувањата велат поинаку

Неодамна поранешниот претседател на Организацискиот комитет на Олимписките игри во Токио, Јошири Мори, јавно изјави дека би претпочитал да нема многу жени во ваквите комитети бидејќи тие премногу зборуваат. Оваа изјава беше причина и за неговата оставка, но многу е веројатно дека Мори не е единствениот што смета дека жените многу зборуваат.

Според традиционалните стереотипи, мажите се „силни и тивки“, а жените не може да престанат да зборуваат за нивните емоции и сè друго. Еден од главните проблеми со овој стереотип е дека тој е целосно неточен, барем доколку им веруваме на истражувањата.

Адам Грант, професор на „Вортон“ и автор, неодамна во колумна ги навел истражувањата кои покажуваат дека мажите се тие што зборуваат повеќе од жените, а не обратно.

- Шемата е јасна и постојана: обично мажите се тие што не замолчуваат - напишал Грант.

Тој се повикува на повеќе истражувања, како едно во кое се покажува дека машките сенатори повеќе зборуваат во Сенатот отколку сенаторките. Друго истражување открило дека кога во група има само една жена, таа зборува 40% помалку од другите. Само кога има четири или повеќе жени во групата, жените зборуваат исто како мажите.


Фото: Pixabay

Едно истражување покажало и дека машките судии во американскиот врховен суд трипати почесто ги прекинуваат колегите додека зборуваат отколку женските судии. Конечно, анализа на 43 посебни истражувања покажала дека мажите почесто од жените ги прекинувале другите во разговорот за да ја покажат доминантноста.

Заклучокот е дека мажите се тие што доминираат во разговорите, а не жените. Тогаш, зошто постојат овие стереотипи? Можеби одговорот е во начинот на кој ги слушаме жените.

Едно истражување покажало дека луѓето ги сметаат мажите за помалку некултурни и поинтелигентни кога прекинуваат некого при зборување, во споредба со жените. Можеби, сепак, очекуваме жените да бидат тивки и грижливи, а мажите да бидат гласни. Кога мажите ги прекинуваат другите и зборуваат повеќе, тоа не се забележува бидејќи е очекувано, пишува „Инк“. Од друга страна, жените се почесто осудувани кога ќе го направат истото бидејќи тоа не одговара со нормите.

Автор: Џесика Стилман
Извор: inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот