X
 28.05.2020 Здравје

Како Вухан тестира 6,5 милиони жители за помалку од две недели?

Градот Вухан наскоро ќе спроведе тестирање на сите свои жители. Мобилизирани се илјадници здравствени и други работници за да се постигне целта.

Планот на градот е да се тестираат сите 11 милиони жители. За потсетување, Вухан е градот во кој официјално се појави коронавирусот на крајот на минатата година. Речиси две недели по започнувањето на тестирањето на населението, властите откриваат дека досега се тестирани 6,5 милиони луѓе.

Според сведочењата на жителите, тестирањето се прави во шатори сместени во населбите. Резултатите се добиваат за 2-5 дена. Владата плаќа за трошоците за тестирањето на населението, а на овој подвиг гледа како на начин за враќање на довербата на јавноста со долготрајна цел да се рестартира економијата и државата да се врати во нормала. Сепак, некои експерти не се согласуваат дека е потребно такво тестирање на места каде бројот на заразени лица е мал.


Фото: Pixabay

Резултатите од досегашните тестирања потврдиле само 200 случаи, од кои повеќето немале симптоми. Во лабораториите се процесирале 1,47 милиони тестови во петокот. За споредба, во лабораториите обично се процесирале околу 46.000 тестови дневно пред масовното тестирање.

Но, властите се решени да ги тестираат сите граѓани. Имено, овластени лица оделе од врата до врата за да ги регистрираат жителите и да ги однесат до шаторите за тестирање во близина. Медиумите пренесуваат дека властите ги предупредиле жителите кои одбиле да се тестираат дека нивните права за работа и патување ќе бидат ограничени.

- Доколку не учествувате, нема да може да влезете во супермаркети или банки - им велеле властите на граѓаните.


Фото: Pixabay

Иако многу жители ја поддржуваат иницијативата, некои не се согласуваат да бидат тестирани.

- Реално, Владата не го прави ова за поволностите за луѓето. Тоа е за да види надворешниот свет - кажал еден жител кој не сакал да се тестира.


Во меѓувреме, во шаторите за тестирање има мерки кои треба да гарантираат дека центрите за тестирање не се извор на зараза. Така, секој жител има одредено време за тестирање за да се одбегнат метежи. Освен тоа, тестирањето се спроведува на отворени места, на жителите им се мери температурата и сите носат маски и ја задржуваат дистанцата.

Според Јанг Џанчиу, виролог на универзитетот во Вухан, со тестирањето, многу жители ќе се чувствуваат посигурно да излезат од домовите. Иницијативата треба да го врати градот во нормала и да обезбеди научна основа за враќање на работата, според него.

Автори: Суи-Ли Ви и Вивиен Венг
Извор: nytimes.com 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје