„Гугл Хром“, најпопуларниот веб-прелистувач денес, е на праг да ја прекине поддршката за две постари верзии на оперативниот систем „Андроид“. Додека корисниците честопати се држат до својот омилен прелистувач од навика или лична желба, конкуренцијата никогаш не спие – „Мајкрософт“ тврди дека „Еџ“ е подобар во блокирањето на рекламите, додека „Гугл“ нагласува дека „Хром“ е побрз од кога било. Но, без оглед на тоа, „Хром“ има огромно водство во уделот на пазарот, дури и на постарите уреди.
„Гугл“ објави дека со верзијата 139 на „Хром“, која ќе се објави на 5 август, ќе ја прекине официјалната поддршка за „Андроид 8 (Орео)“ и „Андроид 9 (Пај)“. Тековната стабилна верзија на „Хром“ е број 137, што значи дека верзијата 138 ќе биде последната што ќе работи на овие постари системи.
Ова значи дека „Хром“ повеќе нема да добива ажурирања или нови функции на андроид-уредите што работат со верзии 8 или 9. Прелистувачот сè уште ќе работи, но без понатамошна поддршка, корисниците ќе бидат изложени на ризици и безбедносни ранливости.
„Гугл“ им препорачува на сите корисници кои сè уште се потпираат на овие постари верзии на „Андроид“ што е можно поскоро да го надградат својот оперативен систем барем на „Андроид 10“, ако сакаат да продолжат да го користат ажурираниот и безбеден „Хром“. Иако не беше наведена конкретна причина за оваа промена, многу е веројатно дека станува збор за намалување на бројот на активни корисници на постарите верзии на „Андроид“, но и за желбата на „Гугл“ да натера што е можно повеќе луѓе да се префрлат на понови и побезбедни верзии на системот.
Извор: bajtbox.com
Фото: Freepik