X
 28.07.2017 Живот

НЛО над Југославија: „Непознато летало над нас!“

Летечките чинии обично се дел од разни теории на заговор или предмет на исмејување. Но одвреме-навреме и сериозните институции прифаќаат да истражуваат многу необјаснети феномени на нашето небо. Така било дури и во времето на Југославија.

Така, на пример, искусниот пилот Суад Хамзиќ вели дека имал три блиски средби со летечките објекти.

„Највпечатлив ми беше оној на 20 август 1970 година кога во „миг 21“ со пилотот Душан Стипиќ имав блиска средба со НЛО. Нè испратија поради алармирање од радарскиот центар, така што за брзо време воспоставивме визуелен контакт со објектот, многу голем, кој зрачеше од светлина. Се искачувавме со огромна брзина, но никако не можевме да му ја процениме височината. Проценив дека се наоѓа на некои 22.000 метри, а во еден момент летечкиот објект забрза и исчезна. Се изгуби и од радарот“, раскажува тој.

Прегледувањето на архивскиот материјал од тогашните медиуми покажува дека вакви случки имало доста.

Така, на пример, весникот „Вечерњи лист“ на 25 ноември 1967 година објави статија со наслов „Три 'летечки' чинии над Загреб?“ каде што младите астрономи раскажуваат за нивното искуство и соочување со необјаснети феномени.

„Завчера после 21 часот од опсерваторијата на Попова кула ја повикаа нашата реакција возбудени млади загрепски астрономи, членови на Астрономското друштво. Ни раскажаа дека одеднаш над Загреб забележале летечки чинии“, пишува во воведот на статијата.

„Беше околу 20:45 часот. Стоев на прозорецот и одеднаш не можев да им поверувам на моите очи. Југоисточно под ѕвездата Алдебаран, во соѕвездието Бик, здогледав три тела кои зрачеа, сјајни светли точки кои имаа блескаво сини нијанси. Ми се чинеше дека две тела седеа неподвижни, а третото оддалечено од нив се движеше. Веднаш истрчав до фото-лабораторијата и ги повикав колегите да ја земат камерата и да ја документираат појавата. Едвај ги убедив дека не се шегувам“, раскажува средношколецот Зоран Фарчиќ.

„Навистина не верував. Истрчав до прозорецот и имав што да видам. Две посветли и едно потемно тело. Камерата секогаш ми е подготвена, така што набрзина успеав да направам фотографии“, вели ученикот Дамир Градиш.

Тогашните весници не навлегувале во подлабока анализа на приказните, меѓутоа, и подоцна неколку очевидци од подрачјето на Загреб се јавиле да кажат дека виделе НЛО на небото.

„Не сакав да се јавам бидејќи не бев сигурна дека и друг го виде она што го видов јас. Во вторникот, на 14, бев во дворот околу 17 часот и 15 минути. Наеднаш, на северниот дел од небото забележав нешто големо како Месечина, кое на неколку пати блесна во сребрена боја. И сега сум во дилема што би можело да биде“, раскажува Ана Кишур, која се обратила до редакцијата на „Вечерни“.

Наредните неколку месеци имало многу пријавени случаи за НЛО над Југославија, а особено се истакнувааат сведоштвата на неколку жители на Стрмец. На почетокот на декември 1967 година, жителите раскажувале дека виделе четири необјаснети објекти на небото.

„Околу 20 часот, случајно погледнав нагоре во небото. Забележав дека од Загреб летаат две блескави топки на висина од 30 километри. Истовремено од југ, со поголема брзина се движеше третото летало, а на северозапад се појави и четвртото. Последното летало стоеше некое време на едно место, па се чинеше дека се сврти и потоа замина кон Месечината“, опишува М. Јерко од Стрмец.

Посебно интересно е тоа што во декември 1967 и јануари 1968 година во медиумите се јавиле разни луѓе со сведоштва за необјасниви феномени на небото над Кварнер.

„Во петокот вечерта, граѓаните на Риека со љубопитност гледаа во непознатото и необично вселенско летало кое се појави на небото. Непознатото тело со големина на човечка рака имаше интензивна, виолетова светлина“, пишува во „Вечерни“ во изданието објавено на 21 декември 1967 година.

Некој месец подоцна, кон крајот на јануари 1968 година, истиот медиум пренесе слични случувања од Риека.

„Се наоѓав на терасата од зградата со сопругата и одеднаш забележав, на неодредена висина светеше предмет во форма на Месечина, но многу поголем. Непознатото тело се движеше во спирала и така замина на североисток“, јавил Анте Главина, официјален претставник од администрацијата на општинското собрание.

Весникот во есента 1971 година објавил автентичен разговор на Регионалниот центар за управување со авиони во Загреб и „Конваир 440“ на „ЈАТ“ за време на летот помеѓу Пула и Загреб.

Контрола на летот: Која е видливоста во вашиот круг?
Авион: Многу добра.
Контрола: Ако можете фрлете поглед таму некаде кон брегот меѓу Задар и Риека, повторно забележани некои летечки објекти во курсот 160.
Авион: Фала. Видливоста е одлична, но засега не гледаме ништо. Ако видиме, ќе ви јавиме.
Контрола: Бидете љубезни, погледнете и кон Риека. Контролата на летот од Риека јави да извести за два летечки објекти во курсот 140.
Авион: Ние тоа го видовме во Пула, тоа се тела на светлечки предмети на висина од четири до пет километри, какви што претходно видовме и над Ниш, Суботица, Кикинда.
Контрола: Можете да ни опишете како изгледаат телата?
Авион: Приближно исто, светли, со ромбоидна форма, не можеме да кажеме ништо повеќе.

Неколку дена претходно, на 6 октомври 1971 година, „Вечерни“ добил пристап до снимените ленти од разговор на пилоти на два авиони на пат кон Келн и Лондон со контролата на летање во Загреб. Авионот на „Генекс“ летал кон Лондон кога забележал објект и го известил колегата од „Инекс Адрија“ на летот кон Келн. „Другар, дали гледаш? Горе над нас лета нешто прилично високо“.

Борис Жупанчиќ на својот колега му одговорил:

„Еве сега нешто гледам. Што би можело да биде?“. Тука интервенирала контролата на летот и прашала колку предметот е оддалечен од нив. Пилотот на „Инекс“ одговорил:

„Па не е толку оддалечен, само ми се чини дека е прилично високо“.

„Загрев, овде „Генекс“. Еве, непознатото летало лета над нас. Не знам точно која позиција е. Гледам дека има бела метална боја и триаголна форма“, вели пилотот.

„Немаме никакви информации за тоа дека има авион во таа област. Исто така, ниту ЈНА нема податоци дека некој нивни авион е таму“, јавиле од контрола на летот од Загреб.

„Телото што го гледаме има триаголна форма и метално-сребрен сјај. Тоа е сè што можеме да кажеме“, вели пилотот на „Генекс“.

Кратко потоа, пилотите го напуштиле југословенскиот воздушен простор и продолжиле со своето патување.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот