Во изминативе денови на социјалните мрежи се појави уште едно вирално видео создадено со помош на вештачка интелигенција, но овој пат нè води директно во 80-тите години, поточно во идеализирана верзија на некогашна Југославија каде што сите се среќни, децата си играат, паштета се мачка на леб додека некој ја премотува касетата со молив.
Видеото го реконструира она што интернет-носталгијата често го нарекува „безгрижно време“. На екранот гледаме ликови создадени со помош на вештачка интелигенција: насмеани семејства, црвени киосци со виршли, војници со чинија грав, сјајно море, луѓе кои се сончаат на плажа, а во заднина вечен ретро-филтер на мир, ред и невиност.
Првичните коментари под видеото беа во тој духот: „Ех, кој нè раздели...“, „Ми течат солзи...“, „Кога се знаеше за ред и виршли!“
И навистина, вештачката интелигенција ги погоди сите симболи: од аудиокасети, преку возила „југо“ до војнички грав и безгрижните летувања. Но, како што минуваше времето, еуфоријата почна да спласнува.
- Повеќе сакам да го паметам тоа време преку истуткани фотографии отколку преку анимации кои личат на реклама за маргарин - вели еден интернет-корисник.
Како да сфативме колективно дека колку и да е напреден софтверот, тој не ја познава топлината на фотографијата развиена на рака, ниту лузната на коленото од игралиште, ниту вистинскиот вкус на војничкиот грав.
Можеби суштината на проблемот е тоа што вештачката интелигенција не памети, туку таа реконструира. Таа не знае што значи детство, туку знае само кои визуелни елементи го симболизираат детството. Таа нема спомени, има бази на податоци.
Во тој контекст, многумина заклучија: не ни е потребна вештачка интелигенција за да нè потсети на минатото. Доволни се старите албуми, избледените ВХС-снимки и начинот на кој баба раскажува.
Вештачката интелигенција можеби може да нè потсети како изгледало, но не и како било. А на овој простор, разликата меѓу тие две нешта знае да биде огромна.
Извор:
n1info.hr
Фото: Screenshot/Tik-tok