X
 28.08.2021 Живот

Читањето е еден од најдобрите начини за тренирање на мозокот

Луѓето што читаат приказни и поинтензивно се занимаваат со внатрешниот живот на ликовите од книгите, покажуваат зголемена способност за разбирање на чувствата, потребите и карактеристиките на другите луѓе

Истражувањата покажуваат дека редовното читање не е само задоволство, туку придонесува за подобра работа на мозокот, го збогатува вокабуларот и разбирањето на светот околу себе, ја зајакнува емпатијата... Исто така, читањето смирува и на многумина им помага полесно да заспијат, да го намалат стресот, да го снижат крвниот притисок, да ја урамнотежат работата на срцето, да ги намалат симптомите на депресија. Читањето го забавува губењето на когнитивните способности со годините и стареењето, придонесува за подобро расположение и го продолжува животот. Особено е важно децата да читаат од најрана возраст, како со родителите така и сами, затоа што ефектите од читањето значително го подобруваат психо-физичкиот развој, ја развиваат фантазијата и ги прошируваат знаењета.

Како читањето влијае врз мозокот


Сè повеќе истражувања ја потврдуваат тезата дека читањето влијае врз формирањето и промената на мислењата. Со следење на работата на мозокот, користејќи магнетна резонанса, истражувачите потврдиле дека за време на читањето се обработува сложена мрежа на сигнали во мозокот. Како што перцепцијата на прочитаното созрева, тие мрежи стануваат пософистицирани, погусти и посилни. Во една студија направена во 2013 година научниците користеле функционални снимки од магнетна резонанса за да ги измерат ефектите од читањето романи врз мозокот. Учесниците во студијата 9 дена читале еден роман. Како што во приказната се нижеле напнати ситуации, забележаните активности на мозокот се менувале и се забрзувале. Интересно е што зајакнатата активност на мозокот се забележувала денови по интензивното читање.

Влијание врз развојот и зајакнувањето на емпатијата

Ако се зборува за чувствувањето болка и разбирањето, докажано е дека луѓето што читаат приказни и поинтензивно се занимаваат со внатрешниот живот на ликовите од книгите, покажуваат зголемена способност за разбирање на чувствата, потребите и особините на другите луѓе. Оваа појава истражувачите ја нарекуваат „Теорија на умот“, во рамките на вештините кои се неопходни за градење, управување и одржување на подобри социјални односи. Преку читањето луѓето полесно се идентификуваат со ликовите и настаните, од кои многу им се незамисливи и логично, ги проектираат на себе или на лица од блиското опкружување, неизбежно размислувајќи како би постапиле во некоја таква ситуација.

Кога читаме, го развиваме вокабуларот

Истражувачите потврдуваат дека учениците што редовно читаат книги, почнувајќи од раната младост, постепено и континуирано ги прошируваат нивните лексички капацитети, кои потоа влијаат врз многу сегменти од животот. Ако читате повеќе, ќе имате подобри резултати на тестовите, приемните испити, а на разговорите за работа ќе оставите подобар впечаток. Една анкета од 2019 година покажала дека 69 отсто од работодавците сакаат да вработат луѓе со подобри комуникациски вештини, а читањето е еден од најдобрите начини за развивање и подобрување на вештините и брзината во комуникацијата.

Читањето пред спиење опушта и помага полесно да заспиете

Лекарите го препорачуваат читањето како дел од вообичаените рутини пред спиење. Секако, се мисли на читање кога в раце имате книга, а не некоја електронска направа. Не заборавајте дека светлината и зрачењето што ги емитуваат екраните го поттикнуваат мозокот и тоа ќе ве разбуди, а нема да ви помогне да заспиете.

Ако и покрај читањето в кревет имате проблем да заспиете, лекарите препорачуваат да читате во некој друг амбиент, па кога ќе ви се приспие, да се префрлите в кревет.

Книгата е непријател на депресијата

Лицата што се депресивни често се чувствуваат изолирани и отуѓени, а книгите некогаш можат да го намалат тоа чувство и да им го подобрат расположението.

Читањето фантастика може да го мотивира мозокот на тие лица накратко да одлутаат од сегашната состојба и да го намалат оптоварувањето и лошите мисли, а читањето современа литература може да поттикне желба за подобро соочување со проблемите.

Извор: eklinika
Насловна фотографија: Unsplash
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот