Ресторанот „Ла Попот“ во англискиот град Чешир, кој се гордее со препораката од Мишленовиот водич, претстави уникатно мени посветено исклучиво на вода, при што цените на одредени шишиња достигнуваат до 22 евра.
Идејата за „мени со вода“
Џозеф Ролинс, сопственик на ресторанот, се здружил со Доран Биндер, еден од петте британски сомелиери специјализирани за вода, за да ја осмислат оваа необична понуда. „Ла Попот“ инаку е ресторан за француска висока кујна.
Ролинс ги објасни мотивите за ваквата одлука
- Сакавме да понудиме нешто различно, а Доран е луд по водата. Водата не е само вода - објаснува Ролинс за мотивите за ваквата одлука, додавајќи дека чекорот е поттикнат од зголемениот интерес на гостите.
- Да имаше каква било негативност зад тоа, немаше да го направиме - нагласи тој. Открива дека Биндер му го предложил овој концепт уште пред три години, но зелено светло добиле дури на почетокот од оваа година, по дегустацијата.
- Понудата има широк ценовен распон за луѓето да можат да пробаат нешто поинакво - вели Ролинс.
Гостите можат да избираат меѓу седум вида вода набавени од различни делови на Европа - четири негазирани и три газирани. Цените се движат од 5,80 евра за изворската вода „крег спринг ватер“ од Биндер, па сè до околу 22 евра за шише португалска газирана вода „де палас ов видаго“.
Поделени реакции
Новата понуда предизвика многу коментари на социјалните мрежи, а мислењата беа поделени. Некои изразија неверување и критика.
- Кој идиот би платил околу 22 евра за шише вода? Смејте се и потсмевајте, но ќе има доволно глупави за да го сторат тоа! Манипулација на безумните богаташи? Секако - напиша еден читател.
Од друга страна, имаше и такви што ја поздравија идејата:
- Како личност која не пие, прилично е заморно кога јадете надвор да ви се нуди мени со алкохол како тоа да е очекувано. Кога ќе порачате безалкохолен пијалак или вода, често завршувате со детско мени или воопшто без избор. Го поздравувам менито со вода - напиша една интернет-корисничка.
- Во каков ужасен свет живееме, кога во некои земји недостига чиста вода за пиење, а други увезуваат шишиња со вода од странство за пребогатите да ги трошат своите пари за тоа - напиша трет интернет-корисник.
Некои се согласуваат дека ако може да се платат 22 евра за шише вода, тогаш може да се донира тој износ на некоја хуманитарна организација.
Извор:
b92.net
Фото: Freepik