X
 28.12.2020 Култура

Откриен „недопрен“ ресторан за брза храна во Помпеја

Археолошки остатоци од ресторан за брза храна во Помпеја делумно биле истражени во 2019 година за време на голем истражувачки проект, а најнови ископувања на локалитетот откриваат повеќе за ова место и неговата околина.

Археолозите успеале да го обноват целосниот изглед на ресторанот бидејќи биле зачувани неговите декорации. На предната страна од ресторанот има слика на Нереида, која јава на морски коњ во морето, додека на страната има илустрација за која се претпоставува дека е своевидно лого на сопственикот. Археолозите сметаат дека амфорите што биле поставени пред тезгата во рамките на ресторанот ги зачувале сликите од распаѓање.

Во подеталните ископувања биле откриени и одлично зачувани сцени од мртва природа и прикази на животни кои веројатно се продавале таму. 



На малиот плоштад пред ресторанот биле откриени фонтана и водена кула, а делови од коски на живина и други животни биле откриени во контејнери вградени во тезгата. На сликите се гледаат и две патки обесени наопаку, подготвени за готвење и јадење, петел и слика од куче врзано со синџир, која очигледно служела како предупредување.

Во ресторанот веројатно се служеле пијалаци и готвена храна, а намирниците се служеле во големи садови вградени во тезгата, кои биле распространети низ римскиот свет на местата на кои вообичаено се јадело надвор од домот. Само во Помпеја имало околу 80 вакви ресторани.

На истиот локалитет биле откриени и човечки коски, иако биле расфрлени, веројатно од страна на ловци на богатство во минатото. Коските му припаѓале на маж стар најмалку 50 години, кој спиел на кревет во моментот кога се случила ерупцијата.

Извор: b92.net 
Фото: Screenshot/Youtube

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура