Целосното затемнување на Сонцето во 2024 година необично влијаело врз птиците, па голем дел од нив почнале да пеат утрински песни во текот на денот, збунети од краткотрајната темнина, покажало ново истражување.
Додека темнината се протегала преку Северна Америка за време на целосното затемнување на Сонцето, на 8 април 2024 година, научниците биле сведоци не само на небесен спектакл, туку и на извонредна реакција на птиците. Затемнувањето се протегало 4.000 километри, од пацифичкиот брег на Мексико преку Тексас, па до Канада, кратко претворајќи го денот во ноќ. Птиците реагирале како да дошло ново утро.
Научниците од Универзитетот „Индијана“ и Универзитетот „Охајо Веслијан“ спровеле најобемно истражување досега за тоа како птиците реагираат на сончеви затемнувања. Светлината е една од најголемите сили што го обликуваат однесувањето на птиците, а дури и „ноќ“ што трае 4 минути е доволна за многу видови да почнат да се однесуваат како да е утро, вели Лиз Агилар, докторанд на Универзитетот „Индијана“ и главен автор на истражувањето објавено во списанието „Сајнс“.
- Врз основа на претходни истражувања, најчесто спроведени во лабораторија, знаеме дека промените на светлината се најважните сигнали што живите суштества ги користат за одредување на својот дневен ритам - додава Дастин Рајчард, професор по биологија на Универзитетот „Охајо Веслијан“ и коавтор на истражувањето.
Научниците поставиле 14 камери околу Блумингтон, Индијана, кои забележале над 100.000 звуци од птиците, анализирани со алатки за машинско учење за препознавање на видот. Дополнително, речиси 1.700 волонтери низ Северна Америка преку апликацијата „Соларбрд“ пратиле 11.000 набљудувања на однесувањето на птиците.
Од 52 документирани вида, 29 покажале значителни промени во вокализацијата. Американските дроздови пееле шестпати повеќе од вообичаено, додека шумските бувови се огласувале четирипати повеќе по завршувањето на затемнувањето. Некои видови, пак, воопшто не реагирале.
- Не е изненадување што не реагираат исто сите видови. Секој вид има свои активности, енергетски потреби и сетилни способности - истакнува Агилар.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik