X
 27.07.2018 Наука

Вечерва не небото ќе се случи единствена појава во 21 век. Што ќе можете да видите од скопскиот плоштад?

Граѓаните, особено децата и младите, се навистина заинтересирани за астрономијата, што е очигледно пред сè од големиот број на посетители на нашите активности како курсевите и предавањата на популарни теми од оваа наука, вели Филип Парталовски од Скопското астрономско друштво


Две ретки појави на ноќното небо ќе се случат вечерва, а една од нив ќе биде најизразена во овој век. Месечината вечерва ќе биде најдолго целосно затемнета. Поради прекршувањето и расејувањето на сончевата светлина која минува низ нашата атмосфера, во периодот на целосно помрачување Месечината всушност нема да се изгуби во Земјината сенка, туку привидно ќе добие темно црвена боја, вели Филип Патраловски од Скопското астрономско друштво. Со него разговараме за овие интересни појави за кои граѓаните во Македонија сè повеќче се интересираат. Членовите на Друштвото вечерва ќе постават телескопи на скопскиот плоштад, а ако нè послужи времето, овие појави ќе можете да ги ѕирнете во живо.


Месечината ќе добие црвеникава боја. Извор: Јутјуб

Вечерва на ноќното небо ќе се случат ретки астрономски настани. Што ќе видиме?

- Главниот настан вечерва ќе биде целосното затемнување на Месечината. Во период од неколку часа таа минува низ полусенката и сенката на Земјата. При изгревањето, во 19.49 часот, полната Месечината веќе ќе биде навлезена во Земјината полусенка. Во сенката на нашата планета Месечината ќе биде од 21.30 до 23.13 часот и со тоа ќе биде најдолгото целосно затемнување во 21. век. Ова се должи на околноста за време на затемнувањето Месечината да минува низ апогеј – најдалечната точка во нејзината елиптична орбита околу Земјата. Поради прекршувањето и расејувањето на сончевата светлина која минува низ нашата атмосфера, во периодот на целосно помрачување Месечината всушност нема да се изгуби во Земјината сенка, туку привидно ќе добие темно црвена боја. Покрај ова, вечерва ќе имаме уште едно порамнување – Марс ќе биде во линија со Земјата и Сонцето, конфигурација која се нарекува планетарна опозиција. Неговата елиптична орбита периодов го носи во близина на Земјата, а на 31. јули ќе биде на растојание од „само“ 57,6 милиони километри. Поблиску до нас Марс беше во 2003 год, на 55,7 милиони километри од нас, воедно и најкраткото растојание помеѓу двете планети во овој милениум. За жал, изминатиов месец на Марс беснее песочна бура која ја обвива целата планета и оневозможува низ телескоп да се видат детали на нејзината површина.

Колку често се случуваат овие појави?

- Орбитата на Месечината е наклонета за 5 аглови степени во однос на рамнината – еклиптиката - во која Земјата орбитира околу Сонцето. Ова значи дека за да дојде до затемнување на Сонцето или Месечината, потребно е таа да биде во линија со него и Земјата додека ја сече еклиптиката. Бидејќи соларните и лунарните еклипси најчесто се случуваат во пар, има години кога воопшто нема затемнувања, а некои години има дури пет! Опозициите и доближувањата, пак, на Марс се случуваат на секои 2 години и 2 месеца, бидејќи на планетата ѝ се потребни скоро 2 години за една орбита околу Сонцето.


Приказ на тоа што ќе се случува   Фото: Eclipse Geeks.com

Од кој дел на планетата Земја затемнувањето ќе биде највидливо, а колкав процент ќе може да се види над нашето небо?
- За разлика од соларните, затемнувањата на Месечината често се видливи од поголем дел на планетата, со тоа што различни региони ќе набљудуваат различни фази од помрачувањето. Ние ќе го пропуштиме само навлегувањето на Месечината во Земјината полусенка, но потоа ќе го проследиме целото затемнување.

Што ќе организира Скопското астрономско друштво на плоштадот Македонија?
- Доколку нè послужат временските услови и небото е ведро, Друштвото на граѓаните ќе им овозможи поглед во овие небесни тела низ своите телескопи од плоштадот Македонија, од 20.30 часот до полноќ.


Фото: Боби Кузманоски / Скопско астрономско друштво

Често организирате набљудувања на небото. Колку граѓаните во Македонија се заинтересирани за астрономија, што најчесто прашуваат, од што најмногу се фасцинираат?

- Граѓаните, а особено децата и младите, се навистина заинтересирани за астрономијата, што е очигледно пред сè од големиот број на посетители на нашите активности како курсевите и предавањата на популарни теми од оваа наука. Нивниот интерес е широк, а често такви се и нивните познавања, но тоа не изненадува со оглед на достапноста на квалитетни извори на информации. Сепак, она што документарните програми и едукацијата на интернет не можат да го доловат е погледот низ телескоп. Мислам дека граѓаните најмногу се фасцинираат кога со сопствени очи ќе видат детали на Месечевата површина, атмосферските појаси на Јупитер и неговите најголеми месечини, Сатурновите прстени, темните дамки и огнените јазици на површината на Сонцето и бројни други небесни објекти видливи само надвор од градовите каде доминира светлосното загадување.

Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука