Новата телевизиска адаптација на „Хари Потер“ би можела да стане една од најскапите серии што Ејч-би-о некогаш ги продуцирал.
Според неофицијалните процени засновани на финансиските извештаи на продукциската компанија, трошоците за проектот би можеле да достигнат околу 201 милион долари.
Серијата се снима во Велика Британија преку компанијата „Плам џем продакшнс“, која во текот на 2025 година пријавила приходи од 175 милиони долари. Таа година започна снимањето на првата сезона во студијата на „Ворнер брос“ во Ливзден.
Една година претходно, кога започна развојот на проектот, приходите на компанијата изнесуваа околу 24,5 милиони долари. Збирот на приходите за тие две години изнесува околу 200 милиони долари.
Меѓутоа, тоа не значи дека толку пари навистина биле потрошени за серијата. Станува збор за приходи на продукциската компанија, а не за официјално потврдени трошоци за снимање. Освен тоа, компанијата претходно учествувала и во други проекти, па не е сигурно дека целокупниот пријавен износ се однесува на „Хари Потер“.
Кога би се претпоставило дека речиси целиот износ е поврзан со првата сезона, која има 8 епизоди, просечниот буџет по епизода би можел да изнесува околу 25,2 милиони долари.
За споредба, последната сезона на „Игра на троновите“ чинела околу 15 милиони долари по епизода.
Извор запознат со продукцијата објасни дека најголемите трошоци се концентрирани на самиот почеток на проектот, првенствено поради изградбата на раскошни сценски декорации што треба да се користат во текот на сите 7 сезони. Поради тоа, се очекува просечните трошоци за идните епизоди да бидат помали.
Планирано е секоја од седумте книги на Џ. К. Роулинг да добие посебна телевизиска сезона.
Извор:
Deadline.com
Фото: Screenshot/YouTube