X
 01.07.2021 Култура

Џорџ Р.Р.Мартин, авторот на „Игра на троновите“, се кае само за една работа

Џорџ Р.Р. Мартин вели дека многу се кае и дека го дели консензусот на обожавателите на „Игра на троновите“ дека серијата беше многу подобра кога ги следеше неговите книги.

Авторот на серијалот „Песна за мраз и оган“ го создаде светот на „Игра на троновите“, но не успеа да ги заврши своите книги навреме за серијата да го следи крајот што тој го посакуваше. Во неодамнешно интервју, Мартин истакнува дека се кае што не успеа да ги заврши книгите пред да заврши серијата.

- Имав почеток на пет книги, а ова се огромни книги. Не мислев дека ќе ме стигне серијата. Но, ме стигна и ме помина - вели тој.

Фановите на „Игра на троновите“ добро ја знаат приказната за потеклото на нивната омилена серија: само четири книги беа напишани и објавени кога креаторите на серијата, Дејвид Бениоф и Д.Б. Вајс, седнаа со Мартин во 2006 година. Заедно, тие докажаа дека се достојни обожаватели на книгите, откривајќи му на Мартин дека знаат кои се родителите на Џон Сноу. Задоволен, Мартин им даде дозвола на Вајс и Бениоф да ги адаптираат книгите во серија. Оваа анегдота се прераскажува со години како родното место на серијата што подоцна ќе руши рекорди и ќе владее со поп-културата во наредните неколку години.

Додека се создаваа сезоните од серијата, Мартин успеа да ја објави петтата книга од серијалот и почна да работи на шестата, што останува во тек до ден-денес. Се очекува со седмата книга да заврши серијалот, но со оглед на 10-годишното чекање на шестата книга, „Ветровите на зимата“, се чини дека нема да биде за брзо.

2
Фото: Screenshot/YouTube

Во текот на четирите славни сезони, креаторите на „Игра на троновите“ внимателно се држеа до книгите. Имаа постојан увид во блиската иднина и случките што доаѓаа. Но, во 5. сезона Вајс и Бениоф одлучија да отстапат од изворниот материјал. Како што правеа промени во приказната, тие го надминаа местото на Мартин во серијата, со оглед на тоа што за последните две сезони немаше книги. Според Мартин, сето ова го искомплицирало неговиот процес на пишување.

- Серијата беше понапред од мене и одеше во различни насоки. Сè уште работам на книгата, а мојот крај ќе го видите кога ќе бидам готов - вели Мартин.

Финалето на серијата не помина добро меѓу фановите, но Мартин тврди дека ова нема да го обесхрабри. Авторот претходно изјави дека не планира да го смени својот крај врз основа на одговорот на фановите или врз основа на она што го покажа серијата. Доколку некогаш навистина го напише, крајот на Мартин ќе биде поинаков, но не на начин што одговара на барањата на публиката.

Главните заплети и расплети како родителите на Џон Сноу (на што веќе алудираат претходните книги), се очекува да останат исти. Што се однесува до ликовите како Бран или Денерис Таргариен, останува да видиме.

Во меѓувреме, Мартин ќе посвети значително време во улогата на извршен продуцент и ко-креатор на спин-оф серијата „Куќа на земјот“. Се очекува премиерата да биде во 2022 година, а дејствието на серијата се случува многу порано пред настаните во „Игра на троновите“ и се занимава со подемот на семејството Таргариен.

Извор: Slashfilm.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура