X
 28.12.2021 Живот

Елката на „Јустинијан Први“ годинава без новогодишни желби

Дали традицијата на пишување желби на Правниот факултет во Скопје замре поради пандемијата, не е сигурно, но нема повеќе „Дедо Мраз донеси ми шестка!“


Со години во аулата на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје се поставува новогодишна елка. Карактеристично за неа е што не беше китена само со лампиони и украси, туку и со новогодишните желби на студентите. Оваа година, за жал, како и минатата, поради пандемијата и отсуството на студентите од факултетот, елката е без новогодишните желби.

Претходните години студентите ги запишуваа своите желби на ливчиња и ги закачуваа на елката. Желбите најчесто беа: да положат испит, да се одложи испит или колоквиум, да дипломираат или магистрираат таа година, да добијат повисока оценка, пофалби за професорите и желби за личниот живот.

- Пред три години се запишав на факултетот и сакам еден ден да бидам адвокат - вели Елена и додава дека првата година кога почнала да студира многу желби биле напишани и закачени на елката. Со радост и таа напишала што сака од Дедо Мраз за таа година, но не ни ја открива нејзината желба. Елена се сеќава на многу желби кои најчесто биле поврзани со полагањето испити.


Дел од желбите на студентите во претходните години се:
„Среќа за сите луѓе на факултетот. Да ги положите испитите и да земете диплома“.
„Знам дека многу барам, ама 6-ка Граѓанско е сѐ што ми треба“.
„Да завршам факултет пред да родам“.
„Викаат дека сум бил вечен студент, а студирам само 23 години. 23 години не е вечност“.
„Ако не ми дадеш една девојка оваа година, лошо ти се пишува, Дедо Мраз“.

Студентите се сѐ помалку присутни во просториите на Факултетот и ги нема живоста и радоста карактеристични за студентскиот живот. Но, дали причината за тоа е пандемијата или, пак, неостварените желби на студентите, кои губат надеж за образованието во Македонија, останува неодговорено прашање.

Подготвил: Христина Христовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот