X
 05.03.2019 Наша тема

Нешто смрди во центарот на Скопје

Проблемот со делот зад Домот на градежниците (на ул. Вељко Влаховиќ) не е од вчера. Понеделник наутро состојбата е најалармантна – купови кесиња со ѓубре стојат на платформа каде што воопшто нема контејнер. Од јавното претпријатие објаснуваат дека ситуацијата е таква откако поставиле подземни контејнери


Мали депонии во раните утрински часови се речиси секојдневие за центарот на главниот град. Мизерната слика во строгиот центар на Скопје со расфрлани кеси ѓубре до контејнерите им пречи на минувачите. Ваквата слика е секојдневие, особено по завршен викенд. И не е проблемот дека нема доволно контејнери на самите места, туку што на дел од граѓаните им е „проблем“ да ги фрлат во подземните.

Центарот на градов има неколку црни точки, велат од „Комунална хигиена“. И покрај апелите што ги упатуваат од јавното претпријатие, ѓубрето е до контејнерите, а не во нив или, пак, на сосема друго место.
Проблемот со делот зад Домот на градежниците (на ул. Вељко Влаховиќ), на пример, не е од вчера. Понеделник наутро состојбата е најалармантна – купови кесиња со ѓубре стојат на платформа каде што воопшто нема контејнер. Од јавното претпријатие објаснуваат дека ситуацијата е таква откако поставиле подземни контејнери.


Скопје во 21 век (на паркингот кај „Пјаца либерта“)

- Тој беше меѓу првите делови во градот каде што пред неколку години поставивме подземни контејнери со цел да биде похигиенски, ѓубрето да не мириса, а и улични мачиња, кучиња да не го разнесуваат наоколу. Но, граѓаните не сакаат да го фрлаат во контејнерите оти не сакаат да го чепкаат отворот на контејнерите. Тоа се решава и со една кеса. Ние постојано апелираме до граѓаните да не фрлаат насекаде и да не создаваат депонии кога постојат контејнери кои ги чистиме секојдневно. Контејнерите се доволно големи, речиси никогаш не се целосно наполнети - вели Ана-Марија Бранѓолица, портпарол на „Комунална хигиена“.


Депонијата зад Дом на градежници

Од јавното претпријатие укажуваат дека проблем создаваат и фирмите што се во околината, кои својот кабаст отпад го фрлаат во тие контејнери, а тие не се наменети за нив.
- За нив постојат посебни контејнери, само треба да ги побараат од нас. Сѐ се сведува на еколошката свест на луѓето. Проблемот ќе се реши со повеќе казни. Инспекторите треба да се повеќе на терен и да казнуваат, може така ќе се научиме. Во рамките на „Комунална хигиена“ ние имаме екопатрола, но таа не може да казнува, ами само да укажува – велат од јавното претпријатие и додаваат дека секојдневно добиваат поплаки од граѓани на кои им смета што ѓубрето не е на соодветно место фрлено.

- И нам ни е жал што мораме нашите колеги да ги малтретираме да чистат нешто што не треба на место каде што не треба - вели Бранѓолица.
Има повеќе т.н. црни точки во градот. Меѓу нив е и делот кај слаткарницата „Апче“, каде што и покрај тоа што има контејнери, се фрла надвор од нив.
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема