X
 29.04.2025 Живот

Луѓето плаќаат илјадници долари за мравки: Новото хоби станува сериозен бизнис

Додека во многу домаќинства мравките се сметаат за напаст што треба да се искорени, низ светот расте заедница на ентузијасти кои се подготвени да платат и до 9.000 долари за ретки видови од овие инсекти. Пазарот на мравки како домашни миленици станува сѐ посериозен, а најскапите колонии потекнуваат од африкански земји како Кенија.

Во средината на април 2025 година кениските власти спречија обид за шверц на повеќе од 5.000 матици од реткиот вид „Messor cephalotes“, познат како африкански џиновски жетвар. Во акцијата биле уапсени четири лица: две тинејџерки од Белгија, еден државјанин на Виетнам и еден жител на Кенија. Нивниот план бил мравките да ги продадат на колекционери во Европа и во Азија, каде што поединечни матици се продаваат за околу 130 долари, а добро оформени колонии достигнуваат до 9.000 долари.

Кениската служба за заштита на дивиот свет предупреди дека трендот на шверц се префрла од големи животни кон мали, но еколошки значајни инсекти. Оваа практика претставува ризик за локалните екосистеми, особено ако егзотични видови се внесат во нови средини без контрола.

За разлика од традиционалните миленици, одгледувањето мравки, познато и како „ент-кипинг“, бара посебна опрема: стаклени садови, контрола на температура и влажност, специјализирана исхрана и солидно познавање на видот и неговото однесување. Љубителите на ова хоби велат дека е фасцинантно да се набљудува комплексната општествена структура и работната етика на колониите на мравките.

Пазарот претежно се развива преку специјализирани форуми и затворени интернет-заедници, каде што ретки видови се нарачуваат директно од одгледувачи или, како во случајот со Кенија, од нелегални собирачи од дивината.

Иако звучи апсурдно, пазарот за ретки мравки е вистински и функционира слично како трговијата со егзотични влекачи или птици. Луѓето се подготвени да платат големи суми за реткост, необичен изглед или специфично однесување на некој вид.

Овој тренд сѐ уште не го зафатил нашиот регион во поголема мера, но со оглед на глобалните текови и интересот на помладите генерации за необични хобија, не е исклучено наскоро да стане популарен.

Извор: Atvbl.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот