Со милијарди години животот на Земјата се развивал под водство на генетската еволуција, која полека, но постојано ги усовршувала видовите под влијание на притисокот од околината. Но, пред околу 600.000 години, според одредени процени, еден вид од семејството на големите мајмуни, со исклучително развиен мозок, почнал да покажува знаци на кумулативна култура, што се гледало преку сѐ покомплексните камени алатки.
Овие технолошки почетоци подоцна расцветале во сложени општества, кои денес, според нов труд на Тимоти Воринг и Закари Вуд од Универзитетот во Мејн, ја презеле улогата на генетиката како клучен двигател на човечката еволуција.
Во списанието „Биосајнс“ научниците ја анализирале разликата меѓу генетската и културната адаптивност и успеале да препознаат обрасци во нивната коеволуција.
- Се чини дека човечката еволуција менува брзини. Кога учиме корисни вештини едни од други, ние всушност наследуваме адаптивни културни практики. Доказите покажуваат дека културата решава проблеми многу побрзо од генетската еволуција. Тоа укажува дека човештвото се наоѓа среде голема еволутивна транзиција - вели Воринг.
Примери за тоа се очилата или хируршките интервенции за проблеми со видот, медицински достигнувања како царски рез или третмани за плодност. Сето тоа ја зголемува нашата зависност од културни системи, болници, училишта, влади и ја намалува зависноста од генетската адаптација.
Научниците велат дека овој процес ги претвора луѓето од индивидуални организми во колектив, слично како мравките што формираат колонија за да постигнат нешто надвор од можностите на поединецот.
- Долгорочно, сметаме дека луѓето еволуираат од индивидуални генетски организми во културни групи кои функционираат како суперорганизми. На пример, ефикасен национален одговор на епидемија може да се сфати како национален имунолошки систем. Тоа значи дека можеме да учиме директно од биолошките имунолошки системи за да ги подобриме нашите општествени одговори, како во случајот со ковид-19 - објаснува Воринг.
Иако коеволуцијата на гени и култура нуди големи предности, таа може да има и сериозни недостатоци ако општествата се потпираат на самодеструктивни практики.
- Тоа значи дека глобални предизвици како климатските промени се многу потешки за решавање отколку што мислевме. Поголемиот проблем е што централните одлики на човечката еволуција всушност работат против нашата способност да ги решиме - предупредува Воринг.
Сепак, надежта е дека разбирањето на овие механизми може да помогне во создавање позитивни промени и во поттикнување глобална акција која оди подалеку од регулативни рамки како Парискиот климатски договор.
- Ако културното наследување продолжи да доминира, нашите судбини како поединци, како и иднината на човештвото, сѐ повеќе ќе зависат од силата и адаптивноста на нашите општества. Ако е така, тогаш следната фаза на човечката еволуција нема да биде запишана во ДНК, туку во заедничките приказни, системи и институции што ќе ги создаваме - заклучува Воринг.
Извор:
Popularmechanics.com
Фото: Freepik