X
 29.05.2018 Живот

Вистината за животот: „Светот не ви должи ништо!“

Американската писателка Џулијен Смит верува дека светот сака луѓето да станат поглупави бидејќи на тој начин се полесни за контролирање. Колку и да работиме на нашето образование и да го зголемуваме знаењето, сѐ уште постојат работи во кои одбиваме да веруваме, иако длабоко во себе сфаќаме дека можеби се вистинити.

1. Никој не сака да љуби личност што не се сака себеси

Веројатно ќе остарите сами ако го чекате принцот на бел коњ. Меѓутоа, имате предност ако се сакате и почитувате себеси. Немојте од другите да очекувате да бидат одговорни за вашата среќа, во спротивно ќе се најдете на емотивна вртелешка: среќни сте кога сте со некој и тажни кога сте сами. Во овој случај, тагата ќе се случува многу почесто.

2. Светот не ви должи ништо

Дури и ако изгледате добро, ако сте паметни, образовани, со добри особини, тоа не значи дека животот секоја можност ќе ја стави пред вас. Успешните луѓе знаат само две опции: да се сожалуваат себеси бидејќи заслужуваат многу повеќе или да се изборат за своето место под сонцето. Тоа патување може да биде тешко. На вас останува да го изберете својот пат.

3. Имате повеќе време отколку што мислите

Секоја недела има 168 часа - тоа е многу време. Ајнштајн докажал дека времето не е постојано и модерните научници се согласуваат со него. Променете го размислувањето: „Немам време“ во „Тоа не е мој приоритет“. Ако не се занимавате со спорт и јадете брза храна, здравјето не е ваш приоритет. Ако не му помагате на партнерот со домашните обврски, вашата врска не ви е приоритет. Тоа е грубата вистина. На што го трошите времето зборува повеќе за вас отколку сите психолошки тестови.

4. Животот никогаш нема да ви биде совршен

Никогаш нема да биде „вистински“ момент да се венчате, да добиете дете, да ја промените работата или да се преселите во друга земја. Сето тоа чекање на вистинското време е засновано на вашиот страв од промени и излегување од удобната зона.

5. Никој не е премногу зафатен - едноставно не се грижи за вас


Вашата сакана личност е премногу зафатена за да ви одговори на 30-тата порака што сте ѝ ја испратиле. Работодавецот има работа и не може да ви се јави после разговорот. Светот всушност е многу поедноставен: не сакаат да разговараат со вас. Колку побрзо престанете да се грижите за луѓето на кои не им е грижа за вас, животот ќе стане подобар.

6. Не можете да бидете совршени за секој

Не е важно колку сте мили, добри, великодушни или благородни. Секогаш ќе постојат луѓе што ќе мислат лошо за вас, дури и ако не им дадете причина.

7. Животот не е фер


Луѓето нема секогаш да ја ценат вашата работа. Ако сте љубезна и мила личност, тоа не значи дека партнерот нема да ве остави. Лошите дела не се секогаш казнети. Можеби нема да имате помош во лоши времиња. Но тоа не значи дека животот е лош. Само не очекувајте премногу од него.

8. Личноста што ќе ве убие веројатно сте вие самите


Обично, не можеме да се убиеме себеси поради нашиот инстинкт за самоодржување, но полека се уништуваме себеси од ден на ден или го ризикуваме животот заборавајќи ги последиците. Лошите навики, сообраќајните прекршоци - секој пат го ризикуваме животот.

9. Немаме сите еднакви можности


Животот на некои луѓе им е многу потежок отколку на други. Некој што е роден во сиромашна област рано го напушта училиштето за да заработи пари за храна, додека некој друг се раѓа во богатство како наследник на голема корпорација. Логично е дека неговиот живот подоцна ќе биде полесен. Постојат исклучоци, но не многу.

10. Повеќето од нашите сеќавања се лажни

Мозокот си игра со нас така што измислува и ги менува нашите сеќавања. Не се сеќаваме на целото случување, туку се сеќаваме на последната меморија од него, а потоа се сеќаваме на меморијата од друга меморија и така натаму. Дали се сеќавате на играта „Расипан телефон“? Истиот процес се случува кога повторуваме одредена ситуација од минатото во главата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот