Му недостигаат уште 17 банкноти, а меѓу оние што му биле навистина тешки за собирање ја споменува банкнотата од Северна Кореја, која долго ја чекал и која му ја донел еден Русин
Спасе Манев е колекционер на банкноти. Колекционери на стари банкноти постојат многу, но тој се разликува од другите затоа што е колекционер на важечки банкноти. Хобито му е еден вид медитација, а сѐ почнало со неговите патувања, низ Македонија и во странство.
- Патувам уште од мали нозе, низ Македонија и странство. Патувањата секогаш даваат инспирација, па така мене ми дадоа инспирација да собирам сѐ уште важечки банкноти. Почнав со балканските банкноти од соседството, па продолжив со другите. Патував во држави што имаат своја валута и ги собирав банкнотите и како што собирав, тоа ми даваше уште поголема мотивација и желба за колекционерство - ни сподели Спасе.
Досега има собрано околу 157 банкноти од целиот свет
Активно почнал да ја создава колекцијата од јануари 2020 година. И по поминати 5 години желбата сѐ уште му е голема како првиот ден.
- Не се натпреварувам со времето, но би сакал да ги соберам што поскоро за да се израдувам, иако секоја банкнота ми носи голема радост, но сметам дека со собирање на сите банкноти радоста ќе биде огромна. Постојат многу колекционери на стари банкноти, кои се многу полесни за собирање бидејќи ги има и на „Амазон“, „Ибеј“, „Али експрес“ и можат лесно да се нарачаат, но со овие е многу потешко. Јас ги избрав сѐ уште важечките банкноти, кои се повозбудливи за собирање и се многу потешки за наоѓање - посочува нашиот соговорник.
Досега има собрано околу 157 банкноти од целиот свет и моментално му недостигаат 17 банкноти.
- Иако сметав дека последните 20-ина најбрзо ќе ги соберам, сепак сега дојде најтешкото. Од Европа ги собрав многу брзо сите, но ми недостигаат од Азија (Брунеј и Макао), Африка (Конго, Гамбија, Лесото, Свазиленд, Мавританија, Зимбабве, Сано Томе и Принципе и Коморски Острови), Јужна Америка (Аруба, Белизе и Хаити) и Австралија и Океанија (Фиџи, Француска Полинезија, Соломонски Острови и Вануату).
Најтешки за собирање се тие што не се од Европа, пред сѐ, поради далечината - посочува тој.
Тешко ја најдов банкнотата од Северна Кореја
Има неколку банкноти што му биле навистина тешки за собирање, а тука ја споменува банкнотата од Северна Кореја, која долго ја чекал и која му ја донел еден Русин кој во тој период престојувал во Скопје.
- Исто така, тешко ја најдов банкнотата од Израел. Со дел од луѓето што ми носеа банкноти се имав лично запознаено, па дури со некои од нив седнавме на кафе и муабет. Некои банкноти морав да ги земам од Бугарија и по некои македонски градови, но тоа не ми беше тешко бидејќи покрај банкнотата, ќе го прошетав и градот. Многу од банкнотите од подалечните држави ми ги донесоа луѓе што не живеат во Македонија, односно македонски иселеници и странски туристи. Да не беа социјалните мрежи и луѓето, немаше да соберам толку банкноти. Во едно вакво хоби честата комуникација со луѓе е најбитна. Речиси сите што ми донеле банкнота не ми наплатиле за услугата и за вредноста на банкнотата, иако сум инсистирал, но луѓето изгледа видоа со колку голема страст и љубов сум посветен на ова хоби, па не сакаа паричен надомест. Колку што можам да се сетам, ги платив банкнотата од Северна Кореја и од Чешка, но и некои други, кои се во многу мал број - ни раскажува Спасе.
Најголем предизвик ми се земјите од Африка и Австралија и Океанија
Во собирањето на важечките банкноти му имаат помогнато и роднини и пријатели, но 70 отсто од луѓето преку кои зел банкноти воопшто не ги знаел претходно.
- Најголем предизвик ми се земјите од Африка и Австралија и Океанија. Во тие земји речиси и да нема летови од Македонија, но и нема многу Македонци што патуваат натаму, освен Австралија, Египет, Тунис и Мароко, па од останатите држави е многу потешко да се пронајдат банкноти. Иако на почеток ја сметав Јужна Америка за најголем предизвик и најтешка за собирање, се покажа така не е така. Доколку ја комплетирам оваа колекција, тоа за мене би било голем успех и ќе ме исполни со огромна и неизмерна радост и среќа, ќе ми даде поголема мотивација во животот и желба за патување. Како што напоменав, иако не се натпреварувам со времето, би сакал да ја соберам колекцијата оваа година бидејќи ова не е лесна работа и потребна е честа комуникација со луѓе и голем круг на познанства и пријатели, како и многу време - посочува Спасе.
Досега многу луѓе, медиуми и телевизиски емисии му помогнале во собирањето со самото споделување на неговото хоби и гостување во емисии и смета дека преостанува само уште малку за тие 17 банкноти.
- Кога пишувам на социјалните мрежи за колекцијата, често луѓето ја споделуваат мојата објава за банкнотите, што е многу потребно при ваква ситуација, па доколку имаат време, покрај споделувањето можат и да пуштат глас кај нивни пријатели и познајници или луѓе што патуваат на некоја од овие дестинации, со цел да ми помогнат во собирањето на банкнотите. Задоволен сум како јавноста го прифати ова и колку многу ми помогнаа луѓето и сметам дека доколку бев во некоја друга држава, немаше ни половина да соберев за 5 години. Тие што сакаат да ми помогнат, можат да ми се обратат на мојот личен профил, па доколку пронајдат банкнота, важно е да биде во добра состојба, а вредноста не е битна. И најважно од сѐ, да биде сѐ уште важечка во државата. Благодарен сум им на сите луѓе што досега ми помогнаа со колекцијата, но и на медиумите, новинарите, водителите со нивните емисии и сите следни што ќе ми помогнат во собирањето на преостанатите банкноти од листата - вели Спасе.
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата се строго забранети и подлежат на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само со дозвола од редакцијата и со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот.
Фото: приватна архива