X
 16.09.2022 Наша тема

Колекционерот Петар Соколески од Скопје има над 1.000 различни пивски чаши и планира да направи музеј

Освен чаши, собирам и секаков тип предмети поврзани со пивото, на пример, имам над 700 подлошки, над 600 тапи, отворачи, послужавници и пивски етикети и лименки кои ги користам за размена за чаши. Планирам да направам мал музеј за чашите, но кога ќе ја дуплирам моменталната бројка, вели Петар

Со колекција од над 1.000 пивски чаши, но и стотици други предмети поврзани со пивото, Петар Соколески е најголемиот колекционер на вакви предмети кај нас и пошироко. Со колекционерство почнал да се занимава во почетокот на деведесеттите години од минатиот век, и тоа со собирање носачи на звук, како касети и цедиња.

Петар, кој е роден во Скопје и по професија е информатичар, пред неколку години ја формира фејсбук-групата “Macedonian Breweriana Collectors” со која ги обедини другите колекционери од овој тип кај нас. Инаку, неговата мрежа на снабдување и размена на чаши е распространета многу подалеку од нашите граници.

- Во моментов во колекцијата имам над 1.000 различни примероци на чаши и кригли од 46 држави. Првите 200 чаши беа испиени и задржани затоа што на почеток на тој начин ги собирав чашите каде и да одев на патување, односно од секое испиено пиво, доколку беше можно, ја задржував чашата. Потоа, кога почнав со разменување, веќе не беше можно да се проба пивото од секоја собрана чаша, од причина што повеќето чаши доаѓаат празни преку пошта - вели Петар.


Колекцијата ја дополнува кога патува

Со развојот на интернетот пред 20-ина години, желбата на Петар да собира касети и цедиња згаснала поради нивната лесна достапност онлајн. Тогаш тој на секое свое патување надвор од Македонија, низ пивските дружби со други луѓе, успеал да дојде до интересни пивски чаши и така тој ритуал прераснал во колекционерство.

- Пивото е пијалак кој најмногу ми лежи и сакам да го дегустирам. Во прво време, пред 20-ина години, сакав само да имам неколку пивски кригли колку за наздравување со друштво, но подоцна сакав секое пиво да го пијам во оригинална или соодветна чаша затоа што чувството е многу различно и секој стил си бара одреден тип чаша, па така почнав да собирам пивски чаши. Дополнување на колекцијата претежно правам напролет-налето кога патувам повеќе и имам можност да се разменам со колекционери од соседните држави или на некој настан за размена на пивски предмети - додава Петар.


Основач на фејсбук-групата “Macedonian Breweriana Collectors”

„Фејсбукот“ се покажа како корисна алатка за Петар во процесот на прибирање нови чаши во колекцијата. Тој најчесто се разменува со луѓе надвор од Македонија, со оглед на тоа што тука нема колекционер од неговиот калибар. Неговата фејсбук-група е направена со цел да се врши поедноставна соработка и размена на пивски чаши и други пивски материјали.

- Процесот на колекционерство во последниве 7-8 години е многу поедноставен, откако се појавија групи за размена на „Фејсбук“, каде што запознав колекционери од цел свет и почнав да разменувам чаши преку пошта, или ако имам можност, ги разменувам лично. Пред некоја година успеав да најдам неколкумина колекционери од Македонија и ја направив фејсбук-групата “Macedonian Breweriana Collectors”, но нема некоја голема активност, веројатно затоа што тешко се доаѓа до дупликати. Неретко купувам одредени чаши што сакам да ги имам во колекцијата и, секако, имам пријатели кои при секое патување не забораваат да ми донесат чаша од местото каде што биле - објаснува Петар.


Планира да направи мал музеј 

Интересно прашање е каде Петар ја складира оваа огромна колекција на чаши, кои сепак бараат посебно место бидејќи се лесно кршливи, а некои од нив се и прилично ретки. Тој има желба еден ден од неговата колекција да направи своевиден музеј. 

- Во моментов колекцијата ми е распоредена на полици секаде низ домот, а дел од колекцијата, на пример, криглите од 1 литар и чашите до 0,25 литри ми се на викендицата каде што планирам да направам мал музеј за чашите, но тоа кога ќе ја дуплирам моменталната бројка. Инаку, немам одредено некој лимит, но гледам да избегнувам слична чаша со исто лого, а гледам да се фокусирам на чаши од држави кои ги немам во колекцијата. Освен чаши, собирам и секаков тип предмети поврзани со пивото, на пример, имам над 700 подлошки, над 600 тапи, отворачи, послужавници и пивски етикети и лименки, кои ги користам за размена со чаши. Најмногу ги ценам белгиските чаши како најспецифични, а воедно и белгиските пива ми се омилени. И чашите во форма на чизми се интересни примероци до кои тешко се доаѓа - додава Петар.

Фото: приватна архива
Подготвил: Никола Петровски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема