X
 04.11.2025 Живот

Шефот на одделот за ВИ во „Мајкрософт“: Само биолошките суштества можат да бидат свесни

Директорот на одделот за вештачка интелигенција на „Мајкрософт“, Мустафа Сулејман, предизвика нова дебата во технолошкиот свет наведувајќи дека свеста може да постои само кај биолошките суштества. Во интервју за Си-ен-би-си, Сулејман рече дека ги смета обидите за создавање „свесна вештачка интелигенција“ за погрешни и ги повика истражувачите да не одат по тој пат.

- Тоа едноставно не е бизнис што луѓето треба да го прават. Ако поставите погрешно прашање, ќе добиете погрешен одговор, а прашањето за свесната вештачка интелигенција е токму тоа: погрешно прашање – истакнал Сулејман.

Сулејман, кој се смета за еден од највлијателните гласови во индустријата за вештачка интелигенција, истакна дека системи како „Чет-ГПТ“ или други напредни модели не можат да поседуваат емоции, страдање или свест, туку само симулација на овие феномени.

- Вештачката интелигенција не чувствува болка. Може да создаде наратив за искуство и свест, но тоа не е вистинско искуство - објаснил Сулејман.

Неговиот став се базира на филозофската теорија за биолошкиот натурализам, формулирана од Џон Серл, која тврди дека свеста е неразделна од физиолошките процеси во живиот мозок.

- Причината зошто им даваме права на луѓето е тоа што можат да страдаат, тоа што имаат мрежа на болка и самосвест. Моделите на вештачка интелигенција го немаат тоа. Тие само симулираат - додал Сулејман.

Овие изјави доаѓаат во време кога пазарот за ВИ-асистенти, дигитални партнери кои имитираат емоционални односи, се шири, со понуди од компании како „Мета“ и „Икс АИ“ на Елон Маск. Паралелно, „Опен АИ“ и директорот Сем Алтман продолжуваат со развојот на таканаречената вештачка општа интелигенција, што дополнително го поставува прашањето за границите помеѓу машинската и човечката свест.

Сулејман, кој пред да му се приклучи на „Мајкрософт“ во 2024 година беше основач на „Дип мајнд“ и основач на стартапот „Инфлекшн АИ“, стана еден од главните застапници на етичкиот пристап во развојот на системи за вештачка интелигенција. Тој неодамна објасни дека „Мајкрософт“ нема да развива чет-ботови наменети за еротска содржина, за разлика од конкурентите кои гледаат нов извор на приход во овој сегмент.

Покрај тоа, Сулејман се залага за услуги со вештачка интелигенција кои се „свесни дека се вештачка интелигенција“ и секогаш дејствуваат во служба на човекот.

Конечно, Сулејман предупредува дека е неопходна здрава доза на страв од технологијата на вештачката интелигенција.

- Ако вештачката интелигенција не ве плаши барем малку, веројатно не ја разбирате. Стравот и скептицизмот се неопходни. Не ни треба слепа трка за напредок - заклучил тој.

Извор: benchmark.rs

Фото: Freepik/YouTube screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот