X
 30.04.2025 Живот

Најголемата кражба на уметничко дело во историјата: Како била украдена „Мона Лиза“ од „Лувр“ во 1911 година?

Ако некогаш отидете во „Лувр“ со желба да ја видите „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи, ќе забележите дека не можете премногу да ѝ се приближите.

Делумно поради постојаниот метеж од посетители кои ја фотографираат со мобилни телефони, но уште повеќе поради тоа што сликата е поставена зад дрвена бариера и заштитена со силно стакло. Сето тоа се смета за разумна мерка за најпознатото уметничко дело во светот. Но, некогаш не било така, ниту безбедноста била толкава ниту „Мона Лиза“ се сметала за толку вредна. Пред повеќе од еден век некој можел едноставно да излезе од „Лувр“ со неа.

И тоа навистина се случило. Винченцо Перуџа, италијански имигрант кој работел во „Лувр“ како чистач и врамувач на слики, на 20 август 1911 година влегол во музејот носејќи службено палто, исто какво што носеле вработените. Следното утро, кога музејот бил затворен за јавноста (секој понеделник), тој се прошетал низ речиси празниот „Лувр“ и ја зел сликата. Што се случувало понатаму, може да се види во видеото на „Прајмал спејс“, кое чекор по чекор ја визуализира кражбата и последиците од неа.



Зошто Перуџа се охрабрил да ја украде „Мона Лиза“ среде бел ден? Кога бил откриен неколку години подоцна, откако целото време ја криел сликата во лажно дно на куфер, Перуџа се претставил себеси како италијански патриот кој сакал да го врати националното богатство во татковината. Но, според друго објаснување прикажано во видеото, тој можеби бил само марионета во поширока измама организирана од фалсификаторот Едуардо де Валфјерно, кој планирал да изработи повеќе копии од исчезнатото ремек-дело и да им ги продаде на наивни американски милионери.

Оваа теорија, иако никогаш не била потврдена, била објавена во текст на „Сатрдеј ивнинг пост“ во 1932 година. Но, сосема е можно Перуџа да дејствувал сам, воден од потреба за пари. (Во одреден момент приказната можела да биде уште посензационална со оглед на тоа што полицијата се сомневала во Пабло Пикасо и Гијом Аполинер, откако кај нив биле пронајдени други украдени статуи од „Лувр“, иако тие немале никаква врска со „Мона Лиза“.)

По нејзиното враќање, „Мона Лиза“ станала симбол на уметноста и главна причина што музеите денес функционираат сосема поинаку. Денес, „Лувр“ не е затворен во понеделник, туку во вторник.

Извор: Open culture
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот