X
 30.05.2019 Наука

Астрономите предупредуваат: Сателитите на Маск може да го променат нашето ноќно небо

Компанијата „Спејс екс“ на Илон Маск неодамна го лансира првиот дел од сателитска мрежа „Старлинк“ во орбитата. Тоа беше или значаен настан за еден смел план или, како што велат некои критичари, почеток на крајот на ноќното небо какво што го знаеме.

Додека само 60 сателити отидоа во вселената на 23 мај, долготрајниот план е до средината на 2020 година нивниот број да се зголеми на околу 12.000. Целта е овие сателити да понудат интернет од вселената, осигурувајќи секој дел од планетата да биде конектиран.

Еден час по лансирањето од Флорида сателитите се издигнаа на околу 500 километри над Земјата. Нивното постројување беше многу интересно за гледање, а беше доловено од еден астроном аматер, кој ги „фатил“ над Холандија.



Сепак, не беа сите оптимисти за лансирањето. Неколку астрономи истакнаа дека натрупувањето на трајни светла во небото не е технолошко остварување за поздрав.

Астрономот Мајкл Браун наведува дека ако сите планирани сателити се постават над нас, има големи шанси стотици од нив да бидат видливи цело време. Со оглед на тоа дека тие ќе бидат видливи со голо око, сателитите би можеле да бидат помногубројни и да светат посилно од најсветлите ѕвезди.

Марко Лангроек, кој го уловил возот од сателити, истакнува дека не очекувал тие да бидат толку светли и додава дека било навистина неверојатна и бизарна глетка.

Роналд Дримел од Астрофизичарската опсерваторија во Торино, Италија, ова го опиша како потенцијална трагедија.

- Потенцијалната трагедија од мегаконстелација како „Старлинк“ е што тоа го менува изгледот на ноќното небо за остатокот од човештвото. „Старлинк“ и други мегаконстелации би го уништиле небото за сите на планетата - истакна тој.

Астрофизичарот Дарен Баскил од Универзитетот во Сасекс, Велика Британија, исто така предупреди дека ако можеме да ги видиме сателитите со голо око, тоа значи дека тие се екстремно светли за последната генерација на големи, чувствителни телескопи на Земјата.

Уште една грижа за астрономите е тоа што сателитите ќе им отежнат на телескопите да прават снимки од небото бидејќи на фотографиите веројатно ќе има илјадници сателити.


Следниот чекор во проектот е зголемување на бројот на сателити на 800, кога мрежата ќе стане оперативна. Оваа мрежа, која може да овозможи пристап до интернет за 3 милијарди луѓе, Маск ја смета за нов важен извор на приходи за неговата компанија. Тој го реализира проектот пред слични проекти, како еден на „Амазон“, во чии рамки се планирани лансирања на 3.236 сателити во ниската Земјина орбита.

Маск не го игнорираше проблемот. Тој истакна дека побарал од тимот на „Старлинк“ да најде начин како да ги направи сателитите помалку да рефлектираат, можеби да ги крене повисоко во орбитата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука