Водата ни е потребна за живот, а дехидратацијата не значи само дека вашето тело губи вода, туку и дека губите електролити, како соли и калиум, што на телото му помагаат да функционира. Освен тоа, дехидратацијата може да го зголеми ризикот од здравствени состојби и може да доведе до забрзано чукање на срцето.
Истражувачите откриле дека телото со текот на времето се навикнува на недостигот на течности, па затоа може да не забележите дека сте дехидрирани. Најочигледен знак дека сте дехидрирани е жедта. Меѓутоа, постојат други знаци кои исто така може да ви кажуваат дека на вашето тело му недостига вода, иако не чувствувате жед.
Екстремната дехидрираност се дефинира како губење на повеќе од 10% од телесната тежина во течност, но ова ретко се случува. Вистина е дека може да изгубите 3-4% телесна тежина со дехидратација, а притоа да не почувствувате симптоми. Симптомите како жед, умор или вртоглавица најчесто се чувствуваат кога губите 5-6% телесна тежина. „Еклиника“ наведува неколку необични симптоми што може да се знаци за дехидратација.
Лош здив
Плунката има антибактериски својства, но дехидратацијата може да го спречи телото да создава доволно плунка. Поради тоа може да се зголеми бројот на бактерии во устата, а ова се забележува преку лошиот здив.
Фото: Pixabay
Сува или црвена кожа
Многу луѓе мислат дека потењето е знак за дехидрираност, но всушност, во зависност од фазата на дехидратација, тоа може да се манифестира преку сувата и иритирана кожа.
Грчеви во мускулите
Кога телото губи течности, тоа не може да се излади, што доведува до топлински удари, а еден од симптомите се грчевите во мускулите. Тие може да се појават за време на вежбањето, особено на топло време. Недостигот на електролити, како натриум и калиум, може да доведат до грчење на мускулите, па затоа по вежбањето се препорачува пиење течности со електролити.
Треска
Доколку многу се потите, а кожата ви е студена на допир, можеби имате треска, што може да е знак на дехидратација. Во тој момент е важно веднаш да се изладите и да посетите лекар.
Апетит
Кога сте дехидрирани, на црниот дроб може да му биде тешко да се ослободи од енергетските залихи и со тоа да имате апетит, иако всушност на телото му недостасува течност. Во овој случај, често се развива апетит за храна со шеќер бидејќи на телото му е потешко да го разгради гликогенот за да се ослободи од глукозата во крвта и да го користи како гориво.
Фото: Pixabay
Главоболка
Дури и благата дехидратација може да предизвика главоболка. Во овој случај, наједноставното решение е и најдобро - пијте повеќе вода во текот на денот.
Како да препознаете дали сте дехидрирани?
Доколку сте жедни, веќе сте дехидрирани, но недостатокот на жед не значи дека имате доволно течности во телото. Има два начини на кои може да проверите дали вашето тело е дехидрирано.
Тоа може да го направите со тест на кожата во кој со два прста ќе фатите малку кожа на задната страна од раката, а потоа ќе ја пуштите. Кожата треба да се врати во нормалната состојба за неколку секунди. Доколку таа поспоро се враќа во нормала, можеби сте дехидрирани.
Може да проверите дали сте дехидрирани и преку урината, која треба да биде бистра. Потемната жолта боја може да биде знак за дехидрираност.
Извор:
EKlinika