X
 30.07.2025 Живот

Анализа на областа човечки капитал од реформската агенда 2024–2027: Реформи во образованието во корист на учениците, стопанството и државата

Антонела Јосифоска од Охрид е дел од првата генерација ученици што завршија средно стручно училиште според концептот дуално образование. Таа сега има 22 години и веќе три години работи во компанијата „Костал“, каде одела на пракса додека била ученичка во училиштето „Св Наум Охридски“. Се вработила веднаш по матурирањето, а паралелно студира на Техничкиот факултет во Битола.

„Дуалното образование е одлична можност за младите да се подготват за животот по завршување на средното училиште. Комбинирањето на учење со работа не само што ни гради знаење, туку и карактер, одговорност и соработка. Теоријата која се учи во училиште, преку практичната работа добива вистинска смисла. Учениците имаат можност да работат со алати, машини, материјали и технологии што навистина се користат во индустријата. Тие не излегуваат од училиште само теоретски подготвени, туку како целосни, практично обучени личности што можат веднаш да се вклучат во работниот процес“, вели Јосифоска.



Поголема интеграција на дуалниот систем во средното образование е една од клучните цели во областа Човечки капитал од Реформската агенда на Северна Македонија 2024 - 2027. Оваа област опфаќа вкупно пет реформи, а главниот проблем кој тие треба да го решат е намалување на неусогласеноста помеѓу кадрите што ги продуцира образовниот систем и реалните потреби на пазарот на труд. Реформите кои земјава треба да ги испорача најдоцна до 2027 година се фокусираат на кариерно советување, практична настава, стекнување со дигитални и зелени вештини, директна соработка со компаниите, преквалификации, признавање на неформално учење, „паметни“ основни и средни училишта. Навременото спроведување на чекорите од областа Човечки капитал, на Северна Македонија ќе ѝ донесе и финансиска поддршка од Европската Унија во висина од 84 милиони евра, како што е предвидено во Планот за раст на Западен Балкан. Во овој текст анализираме какви придобивки ќе донесат овие реформи и како тече нивната реализација во пракса.

Дуално образование: редовна пракса во компанија уште од средно


Обременетоста со теоретска настава наспроти недостигот на пракса е стара болка на македонскиот образовен систем. Учеството на практичната настава во средното образование се движи од 20 до 30 отсто. За споредба, овој процент во земјите членки на ЕУ во просек надминува 60 отсто. Дуалното образование, кое се воведе во Северна Македонија во 2018 година, е едно од делчињата во сложувалката што може да ја подобри сликата со човечкиот капитал. Најдобра потврда за тоа е позитивното искуство на компаниите вклучени во овој концепт.

„Компаниите добиваат млади лица кои се практично обучени според реалните потреби на работното место. Тоа значи полесна интеграција по завршување на образованието, намалување на трошоците за дополнителна обука, побрзо и полесно вклучување во процесот на работа, а со тоа и побрза продуктивност на нововработените. За учениците, дуалното образование значително ги зголемува шансите за вработување по завршувањето на школувањето, често во компаниите каде што ја извршувале својата пракса“, објаснува Виктор Мизо, генерален директор на „Костал Македонија“.



Според Мизо, клучно е да се поттикнат повеќе ученици да се запишуваат во стручните училишта со дуално образование, што може да се постигне преку информативни и едукативни кампањи за децата и родителите, како и модернизација на наставните програми.

Последните достапни податоци велат дека вкупно 560 компании нудат пракса преку дуално образование, додека целта според Реформската агенда е таа бројка да достигне 700 компании до крајот на 2026 година.

Кариерно советување: нов систем за насочување на учениците

До јуни 2026 година, 95% од основните и средните училишта треба да имаат најмалку еден кариерен советник, кој ќе им помага на учениците да ги истражат различните кариерни можности, согласно нивните интереси, вештини и цели.

Марија Коваческа, која веќе работи како кариерен советник во средно училиште, вели дека ваквиот пристап дава резултати, но мора да се работи на довербата на учениците и родителите.

„Кариерниот советник ги води учениците низ циклус на кариерно планирање кој опфаќа креирање визија, самопроцена, истражување на образовни и кариерни можности, донесување одлуки, креирање кариерни цели и изработка на индивидуален кариерен план. Исто така, спроведува активностите за развивање животни и социјални вештини кај учениците, вештини за вработливост и за менаџирање со сопствениот кариерен развој“, објаснува Коваческа.



Со оглед на големиот број училишта во државата - вкупно 1.103 ( 994 основни и 109 средни), главниот предизвик во овој сегмент е да се спроведат сеопфатни обуки на кариерните советници за да може соодветно да одговорат на потребите на учениците.

„Потребно е да се обезбедат висококвалитетни обуки за сите кариерни советници во училиштата, со цел да се избегнат негативни импликации врз нивото на квалитет на целиот процес и суштинската поддршка на учениците. Дополнително, треба да се предвидат механизми за следење и евалуација на работата на кариерниот советник, вклучително и процесот за континуиран професионален развој“, потенцира Коваческа.

Од Министерството за образование и наука велат дека оваа определба од Реформската агенда е делумно исполнета, со оглед на тоа што најголем дел од основните училишта веќе имаат кариерни советници.

„Основните училишта определија кариерни советници кои ќе ја спроведуваат Програмата за професионална ориентација на ученици во осмо и деветто одделение. За воведување кариерно советување во средните училишта, направени се измени на Законот за средното образование, а кон крајот на август ќе почне реализацијата на обуките за кариерните советници“, изјавија од Министерството за образование и наука.

Согласно Реформската агенда, Северна Македонија е обврзана најмалку 95% од определените кариерни советници за основните и средните училишта да ја завршат обуката до јуни 2026 година.

Регионални центри: стручно образование по современи стандарди

Формирањето регионални центри за стручно образование и обука е уште една од реформите кои треба да придонесат за синхронизирање на образовните програми со барањата на компаниите односно потребите на пазарот на труд. Главната идеја е овие центри, кои се сместени во средни стручни училишта, да обезбедат современи технички услови и квалитетен кадар за стручно оспособување на учениците и на тој начин да станат попривлечни за средношколците.



Во моментов, во земјава функционираат три регионални центри за стручно образование и обука, и тоа во Тетово, Куманово и Охрид. Според информациите од Министерството за образование и наука, се работи на формирање четири нови центри во Штип, Битола, Струмица и Велес. Со тоа ќе биде исполнета квотата од вкупно седум регионални центри, предвидена во Реформската агенда.

Од Регионалниот центар „Ванчо Питошески“ во Охрид, каде се реализира настава за секторот угостителство и туризам, велат дека во последните три години има постојан раст на бројот на запишани ученици.

„Сите образовни квалификации односно кадарот што излегува од центарот е дефицитарен на пазарот на трудот“, потенцира Тони Андрески, директор на Регионалниот центар за образование и обука во Охрид. Тој додава: „Една од основните цели на центарот е подобрување на средината за учење и квалитетот на стручното образование и обука, сè со цел задоволни ученици, стекнати со потребните знаења, компетенции и вештини“.

Важно е да се напомене дека образовните програми на регионалните центри се креираат врз основа на анализите на стопанските комори и на Агенцијата за вработување за потребните квалификации на пазарот на труд. Реформската агенда предвидува до крајот на 2026 година во новите образовни програми на центрите да бидат запишани вкупно 700 ученици од кои најмалку 315 женски.

Ревидирани наставни програми со дигитални и зелени вештини

Преку внесување модули за дигитални компетенции, „зелени“ вештини и одржлив развој во наставните програми за основците и гимназијалците, македонското образование се прилагодува на европските и меѓународните стандарди. За исполнување на оваа определба од Реформската агенда клучни се два чекора – ревидирање на наставните програми согласно Европската рамка за дигитални компетенции и 95 отсто од наставниците да минат низ процес на професионален развој за дигитални и „зелени“ вештини.

Од Бирото за развој на образование информираат дека се преземаат низа стратешки активности за прилагодување на наставните програми. Дополнително, со поддршка на повеќе меѓународни партнери, се спроведуваат обуки на наставници за зелени вештини и дигитална писменост, изработен е прирачник за зелени училишта, насоки за наставни активности со фокус на одржливост, како и модели за вклучување дигитални алатки во наставата.

„Преку внимателен избор на активности, наставата промовира одржливо размислување, заштита на животната средина, енергетска ефикасност, климатска писменост, како и употреба на информациско-комуникациска технологија во наставата. Промената не се состои само во додавање нови содржини, туку и во промена на парадигмата на учење, во која ученикот учествува активно, размислува критички, и гради сопствено разбирање за светот во кој живее“, велат од БРО.



Интегрирањето на овие теми во наставата се очекува да придонесе за поттикнување мотивираност кај учениците, подготвеност за пазарот на труд и активно учество во граѓанските процеси, како и поголема конкурентност на македонското образование со образовните системи во земјите на Европската Унија.

Реформската агенда предвидува дигиталната трансформација да опфати и интегрирање ИТ алатки во основните училишта. Поставената цел е до крајот на 2027 година 80.000 ученици во 160 училишта да учат во „паметни“ училници.

Без реформи во образованието нема реформа на државата


Квалитетното образование е еден од столбовите на кои почива идниот развој на државата. Во услови на масовно иселување на младите, сè уште висока стапка на младинска невработеност и дискрепанца помеѓу кадрите што ги продуцира образованието и потребите на пазарот на труд, Реформската агенда нуди солидна основа за промена на негативните трендови. Исполнувањето на поставените цели е обврска на сите засегнати страни и може да се оствари само со координирана и заедничка работа. Доколку се остварат зацртаните реформи, најмалку 3.000 ученици ќе излезат од училишните клупи со реални практични знаења и вештини, поподготвени за започнување на својата професионална приказна или продолжување со високо образование.

Што добиваат младите?

Преку сите овие реформи: дуално образование, кариерно советување, регионални центри, дигитални и зелени вештини ученикот е во центарот на промената. Ако си основец или средношколец, можеби се прашуваш: Што точно ќе добијам јас од сето ова?

Повеќе пракса и реално искуство уште додека си во училиште
Преку дуалното образование ќе учиш со раце - во вистински компании, со вистински алати и технологии.
Кариерно советување во твоето училиште
Ќе имаш советник што ќе ти помогне да ги препознаеш твоите вештини и да донесеш правилни одлуки за својата иднина.
Современа опрема и нови профили за учење
Во регионалните центри ќе учиш во модерна средина, со програми креирани според реалните барања на компаниите.
Дигитални и зелени вештини
Ќе стекнеш знаења што ќе ти бидат потребни утре како дигитална писменост, заштита на животната средина, критичко размислување и одржливост.
Паметни училници и нов начин на учење

Ќе бидеш дел од дигитализирана настава, со интерактивни методи и пристап до знаење на ново ниво.

Придобивката? Ќе излезеш од училиште поподготвен/а за факултет или за работа - со реални вештини, самодоверба и визија за иднината.


Овој извештај е изработен од страна на Институт за демократија „Социетас Цивилис", во рамки на проектот „Зајакнување на учеството на граѓаните и бизнисите во Берлинскиот процес и Реформската агенда на Северна Македонија“, финансиран од Фондација Отворено општество - Западен Балкан. Изнесените ставови и мислења се само на авторот(ите) и не ги одразуваат нужно ставовите на Фондацијата Отворено општество - Западен Балкан.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот