X
 21.05.2025 Образование

Европскиот профил на УКЛО КОЛОРС се зацврстува со Универзитетската летна пракса

Во духот на зајакнување на соработката меѓу академската заедница и локалните самоуправи, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола преку Центарот за алумни, кариера и доживотно учење, и во партнерство со општините Битола и Прилеп, ја реализира програмата „Универзитетска летна пракса“ (УЛП). 

Програмата претставува модел на практична интеграција на студентите во реалниот сектор и ја потврдува заложбата на УКЛО за современ и применлив високообразовен процес.
УЛП не е само обична летна пракса, таа е платформа која им овозможува на студентите директен увид во начинот на функционирање на институциите, ги охрабрува да стекнат конкретни работни искуства и да развијат професионални и комуникациски вештини, неопходни за понатамошниот кариерен развој. Со самото тоа, програмата претставува мост меѓу академската подготовка и работната средина.

Во рамките на УЛП за 2025, УКЛО со Општина Битола ја реализира оваа програма трета година по ред. Во битолските јавните претпријатија и оваа година ќе бидат вклучени 40 студенти, додека во Општина Прилеп 5 студенти ќе имаат можност да учествуваат во едномесечен практикански ангажман. УЛП ќе се реализира во текот на јули, август или септември. Секој студент ќе добие месечен нето-надоместок во висина од 10.000 денари, обезбеден од соодветната општина. 

1

УЛП низ очите на студентите: Искуства што инспирираат

Во рамките на програмата Универзитетска летна пракса многу студенти од УКЛО имаа можност да направат значаен чекор напред во нивното академско и професионално оформување. Ова се дел од нивните претходно изнесени, искрени впечатоци:

Стефани Циуновска

„Велат дека човекот учи цел живот. Летната пракса е одлична можност да ја споиме теоријата со практични знаења и вештини, со помош на професионални лица кои имаат големо искуство. За насоката што ја избрав, практичната оспособеност игра голема улога.“

2

Христина Гарабиљевиќ

„Ваквата можност за пракса ја сметам за соодветна за моето сегашно, а и идно стручно усовршување. Таа е начин да видиме како навистина  изгледа теоријата во праксата – нешто што и професорите го бараат од нас, а и ние самите сакаме: да учиме преку реални примери.“

Ирена Мицевска

„Апсолутно сум задоволна од мојот ангажман во рамките на УЛП. Се стекнав со работно искуство и запознав луѓе кои несебично го споделија своето знаење со мене. Иако мојата идна насока е поврзана со предавање англиски, ова искуство беше драгоцено и инспиративно. На идните учесници им препорачувам: искористете ја оваа можност!“

УЛП не е само пракса – тоа е процес на трансформација.

Од УКЛО се потенцира дека УЛП е уште една потврда за сериозниот пристап на локалните власти кон поддршката на младите и нивното активно вклучување во општествениот развој, особено препознавањето на млади стручни практиканти, студенти од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.

Инаку, програмата е дел од пошироките активности што УКЛО ги спроведува како член на европската алијанса на универзитети КОЛОРС, што дополнително го зацврстува неговиот европски профил и стремеж кон интернационализација, мобилност и практична ориентација. Поврзувањето на УЛП со вредностите на КОЛОРС ќе овозможи нивно конкретно пресликување во оваа иницијатива, преку еднаква можност за студентите да се вклучат, да се развиваат и да придонесат во локалниот контекст. Од УКЛО оценуваат дека УЛП е уште еден показател за тоа како преку соработка меѓу универзитетите и општините, во духот на доверба, транспарентност и заеднички интерес, се создаваат услови за младите да се чувствуваат ценети, поддржани и мотивирани да останат и дејствуваат во својата срединa.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование