Во многу области, како на пример во американскиот град Турнбриџ, Вермонт, нема мобилен сигнал. Во овој град нема мобилна мрежа во радиус од 16 километри во ниту една насока. Во денешниот модерен свет немањето пристап до ваква комуникација не е само незгодно, туку може да биде и ризично, особено во итни ситуации. Поради тоа, инженерот Патрик Шлот постави стари телефонски говорници низ градот со тоа што нивната употреба е бесплатна.
- Сите се изненадени и прашуваат: „Дали ова е вистинска говорница?“ „Дали навистина функционираат?“, а јас им велам: „Да, но сега се бесплатни“. Ова е одлична работа затоа што сигналот во Вермонт е многу слаб - вели жителот Мајк Грос.
Продавницата на Грос беше првата што доби ваков телефон од Шлот, откако тој му кажал дека користењето ќе биде целосно бесплатно. Оттогаш се поставени телефони и во локалната библиотека и во информативниот центар на градот, а заедницата веќе бара нови говорници на други локации.
Како функционира сето ова?
Кога ја добил идејата, Шлот почнал да купува стари телефонски говорници на аукции и од интернет. Бидејќи работи со полно работно време како инженер во „БЕТА технолоџис“, производител на електрични авиони, Шлот го искористи своето стручно знаење за да ги поправи говорниците и да инсталира опрема која ја претвора интернет-телефонската линија во аналогна, што им овозможува да функционираат.
Корисниците не треба да внесуваат пари или жетони. Трошоците што ги покрива Шлот изнесуваат околу 2 до 3 долари месечно по телефонска линија и околу 5 долари месечно за повиците. Тој дури и сам го врши префрлањето на повици кога е потребно. Можно е во иднина заедно со општината да ги дели трошоците, но засега самиот е подготвен да плати сѐ. Среќен е што со оваа услуга им помага на жителите, особено на децата кои сакаат да им се јават на родителите за да ги земат од библиотека или од други делови на градот. За него, ова е и начин да донесе малку носталгија.
- Интересно е да се види нешто ретро, нешто што има старомоден шарм, но сепак функционира. Ѕвонењето, подигнувањето на слушалката и сигналот, мислам дека во тоа има вистинска моќ - вели Шлот.
Во овој случај, Турнбриџ имал среќа што имал интернет-пристап, па можело да се најде решение за недостигот на мобилен сигнал. Но, многу други рурални области немаат ниту мобилен сигнал ниту интернет. Што се случува со нив?
Две од главните причини зошто руралните подрачја немаат пристап до мобилен сигнал и интернет се географијата и густината на населението. Мобилните кули тешко се инсталираат во длабоки долини, високи ридови и густо пошумени области, што е карактеристично за поголемиот дел од рурална Америка. Има и финансиски фактор: мобилниот сигнал и интернетот не се класифицирани како јавни услуги во САД. Големите провајдери често не ги гледаат овие инвестиции како исплатливи.
Извор:
Good.is
Фото: Freepik