X
 30.09.2020 Образование

Нова постдипломска студиска програма по дидактика и методика на наставата по германски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“

Од 30.9. до 15.10.2020, кандидатите заинтересирани за  упис во првиот рок на вториот циклус академски студии по дидактика и методика на наставата по германски јазик при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во академската 2020/2021 година, можат да поднесат пријави, а ако ги исполнат пропишаните услови, можат да се запишат од 20. до 23.10.2020.

Новата студиска програма, која има цел да го унапреди постдипломското образование на наставниците по германски јазик, е резултат на Договорот за соработка меѓу Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје и Гете-институтот во Скопје.

Студиската програма содржи општообразовен дел, неопходен за вториот циклус студии по наука за јазикот, и стручнообразовен дел, неодминлив за држење успешна настава по германски како странски јазик во согласност со актуелните услови на работа, кои се пред сè резултат на Дигиталната револуција. Во стручните предмети се преточија модулите од новата образовна серија Да научиме да држиме настава по германски јазик (Deutsch Lehren Lernen – DLL), која ја издаде Гете-институт, водечката институција за усовршување на наставниците по германски јазик во светот. Едицијата претставува одговор на изменетите критериуми за квалификација на наставниците по германски јазик, на кои им се нуди можност да си ги прошират дидактичко-методското знаење и наставната вештина.

Предметите произлезени од едицијата DLL се реализираат со настава вo училница и со онлајн настава, во соработка со универзитетски професори и со обучувачи за дигиталните медиуми, со теоретска и со практична настава, со печатени материјали и со електронски медиуми, со апсорбција на знаење и со рефлексија, со размена на мислења и на искуства и со саморефлексија.

Лицето што ќе ги заврши едногодишните студии, ќе ја стекне титулата магистер по дидактика и методика на наставата по германски јазик.

Се покануваат заинтересираните кандидати да ги посетат интернетските страници ТУКА и ТУКА каде што имаат можност да се запознаат со условите за упис, со студиската програма и со предметните програми. Во зимскиот семестар од академската 2020/2021 година, предвидена е само онлајн настава. Посебно внимание заслужува можноста што ја нуди Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје за плаќање на износот за студиите на шест рати.





(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование