Успесите на нашите најмлади секогаш стимулираат силни емоции и ја поттикнуваат вербата дека имаме сигурни раце на кои можеме да ја оставиме Македонија и да веруваме во подобра иднина. Затоа ја зголемивме поддршката кон талентираните, да чувствуваат доволна грижа од државата, да останат тука и да придонесат кон нејзиниот развој.
Ова го истакна министерката за образование и наука Весна Јаневска на конференција организирана од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, на која беа претставени успесите на македонските ученици и нивните ментори постигнати на меѓународните научни олимпијади по хемија во оваа календарска година.
- Ги следам учествата на сите наши млади на меѓународните натпреварувања и водена од успесите ваши и на генерациите пред вас, ми беше должност да се заложам, а Владата ми даде поддршка и заедно го решивме предизвикот кој се провлекуваше од минатото и го доведуваше во прашање учеството на македонски претставници на големи меѓународни ученички натпреварувања. Од оваа година, Министерството за образование и наука целосно ги покрива трошоците за пат и котизација на учениците и нивните ментори кои ќе се квалификуваат на меѓународна научна олимпијада или натпревар. Поставивме системско решение и повеќе никој нема да има финансиски предизвици за да отпатува и да ја претставува својата земја - рече Јаневска.