X
 09.06.2022 Наука

Ова се лажни теории поврзани со мајмунските сипаници што кружат на интернет

Дали вакцината против ковид-19 на „Астразенека“ доведе до појава на мајмунски сипаници? Дали вирусот доаѓа од лабораторија во Вухан?

Тврдење: Мајмунските сипаници не постојат. Според некои корисници на социјалните мрежи, тие се измислица. Овие корисници тврдат дека фотографиите што се користат како доказ за појава на мајмунски сипаници и во извештаите се стари или покажуваат други болести, како што е херпес зостер.

Проверка на фактите: Погрешно

Мајмунските сипаници се реални. Вирусот е познат од 1958 година, а од 1970 година се знае дека може да се пренесе и на луѓе. Епидемиите на мајмунски сипаници се во пораст, но досега беа ограничени на Западна и Централна Африка. Во Нигерија во 2017 година имаше голема епидемија со над 500 случаи, која веќе е задушена.

„Старите“ слики што треба да докажат дека веста за мајмунските сипаници е лажна се претежно агенциски фотографии кои со години се наоѓаат во архивите. И не е невообичаено истите фотографии да се користат повеќе пати за известување за медицински теми - бидејќи изборот генерално е многу мал. Некои твитер-корисници споредуваат фотографии од мајмунски сипаници и херпес зостер. Ова се навидум идентични слики со кои сакаат да покажат дека веста за мајмунските сипаници е лажна.

Тврдење: Мајмунските сипаници се предизвикани од вакцина против коронавирусот. Вакцината „Астразенека“ содржи атенуирани аденовируси на шимпанзо како носители на ДНК спајк-протеинот на коронавирусот. За некои, инфекциите со мајмунски сипаници се последица на оваа векторска вакцина.

Проверка на факти: Погрешно

Мајмунските сипаници и аденовирусите на мајмуните не се поврзани.

- Мајмунските сипаници се нарекуваат така затоа што првпат биле откриени во колонија на мајмуни во 1958 година. Но, тие доаѓаат од глодачи кои им ги пренесуваат на мајмуните, така што мајмуните се само минливи домаќини или посредници на вирусот - вели Кристине Фалк, претседателка на Германското здружение за имунологија.

majmunski
Фото: Freepik

Аденовирусите, вклучувајќи ги и аденовирусите на шимпанзата кои ја формираат основата на векторските вакцини, се сосема различни од вирусот на сипаници, со сосема различни својства. Меѓу другото, овие вируси предизвикуваат инфекции слични на настинка.

Тврдење: Вирусот потекнува од лабораторија во Вухан. Се смета дека Институтот за вирологија во Вухан експериментирал со вируси на мајмунски сипаници и за некои тоа е јасен показател дека сегашната епидемија доаѓа токму оттаму. Целата работа потсетува на теоријата за коронавирусот, наводно создаден во лабораторија, која научниците ја сметаат за малку веројатна, но не и целосно невозможна.

Проверка на факти: Погрешно


Во Вухан експериментирале со вирусот на мајмунски сипаници, што за некои е сигурен показател дека оттаму доаѓа најновата епидемија. Точно е дека имаше експериментирање, има и студија што Институтот ја објави во февруари 2022 година и сето тоа е транспарентно. Но, се експериментирало само со фрагмент од вирусот кој содржел помалку од една третина од геномот на вирусот на мајмунски сипаници. Според истражувањето, овој фрагмент е апсолутно безбеден бидејќи не постои ризик да се развие во заразен вирус.

- Не постојат докази дека мајмунските сипаници дошле од лабораторија. Вирусот постои во дивината и се јавува кај популации на глодачи во земјите од Западна и од Централна Африка. Речиси секоја година избиваат мали епидемии меѓу луѓето - вели Марк Слифка, имунолог и професор во Националниот истражувачки центар за примати во Орегон.

Слифка, исто така, тврди дека со секвенционирање на геномот научниците можат да разликуваат различни видови од вирусот. Така, може да се види дали вирусот е поврзан со западноафриканскиот или централноафриканскиот вид на вирусот на мајмунска сипаница.

- Колку што знам, ниту еден од примарните пријавени случаи не отпатувал во Кина пред да му биде дијагностициран вирусот - вели Слифка.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука