X
 30.10.2019 Живот

Во последните 10 години се случиле 180 пукања во училиштата во САД - овие врати би можеле да се решение за тоа

Омар Барнс бил изненаден кога го повикал Адам Фрид, директор на училиштето во кое учат неговите деца, и го прашал како најдобро да ја зацврсти вратата. Фрид му рекол дека училиштето во Харингтон парк во Њу Џерси е заинтересирано за поставување нови врати за децата во училниците да бидат побезбедни со оглед на сè поголемиот број пукања во овие институции.

Компанијата на Барнс - „Ремот секјурити дорс“ прави врати од метал и тие се многу безбедни. Се продаваат на корпорации и приватни лица, но никогаш не му паднало на памет дека вратите би можеле да се користат и во училиштата.

- Ова се производи од воена класа што не се дизајнирани да бидат поставени во училиштата. Наменети се за компании и влади - изјави Барнс.

Фрид му кажал на Барнс дека во моментот се одржуваат вежби во училиштето каде што учат неговите деца - 11-годишната ќерка и 9-годишниот син.

- Во текот на 50-тите и 60-тите години имавме вежби во кои децата и наставниците се подготвуваа за нуклеарни инциденти. Но, сега мора да ги заштитиме од пукање - изјави Фрид.

1
Фото: Remotesecuritydoors.com


Во текот на тие вежби вратите се затворени и заклучени. Завесите се поставени на прозорците, а светлото е исклучено. Внатре се наставниците и децата околу 20 минути.

- Не можев да верувам. Бев вознемирен тој ден. Можете да замислите колку може да е трауматично за децата да седат таму во тишина - вели Барнс.

Затоа тој прифатил и одлучил неговата компанија да направи нови врати за училиштето.

Побезбедни училишта


Само оваа година се случиле 23 пукања во американските училишта во кои некој бил повреден или убиен. Во последните 10 години имало вкупно 180 пукања во овие установи и вкупно 356 жртви. Тоа е значително повеќе во споредба со периодот од 1999 до 2009 година, кога имало 19 вооружени напади.

Моментално дури 43 сојузни држави бараат од училиштата да направат нов безбедносен план што ќе ја опишува улогата на персоналот во вакви случаи, маршрутите за евакуација и соработката со локалните служби за вонредни ситуации.

- Знаевме дека мораме да го подобриме безбедносниот план. Прашањето беше како да го направиме тоа, а децата на училиште да не се чувствуваат како во затвор, со детектори за метал. Тоа не е здраво за децата - изјави Фрид.

vrata
Фото: Remotesecuritydoors.com


Вратата што ја создава компанијата на Барнс се чини дека не пречи. Во суштина, вратата изгледа сосема обично. Но, таа е направена од поцинкован челик и стакло отпорно на куршуми. Тежи нешто помалку од 70 килограми.

- Тоа ќе ги запре првите неколку куршуми, а бравата ќе се заглави ако пукате во неа и се обидете да ја отворите - вели Барнс.

Знаејќи дека училиштата имаат мал буџет, Барнс се обидува своите врати да ги направи попристапни. За типичните клиенти, вратата „ремо“ чини околу 3.900 долари, но за училиштата се намалени трошоците и чини 2.500 долари.

Барнс планира дополнително да ја намали цената за таа да биде достапна за повеќе училишта.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот