X
 31.05.2022 Економија

Македонците лани потрошиле 420 милиони евра на онлајн купување

Согласно објавените податоци од Народната банка, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ го анализира бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички кон странски е-продажни места со цел да се креира слика каде најчесто Македонците купувале онлајн во текот на 2021 година.

Во текот на изминатата година, како што соопшти АЕТМ, Македонците реализирале вкупно 14,2 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 420,7 милиони евра.

- Од овој износ, 318,9 милиони евра се реализирани кон домашните е-продавници, што претставува значајни 75,8 проценти во вкупната вредност на онлајн трансакции. Со домашни платежни картички во странство, во 2021 година се реализирани вкупно 2,9 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 101,8 милион евра, наспроти 1,7 милион онлајн трансакции со вкупна вредност од 47,8 милиони евра во 2020 година што претставува раст од 66,3 отсто во бројот на трансакции и 113 отсто во вредноста на трансакциите - наведуваат од АЕТМ.

Од Асоцијацијата за е-трговија коментираат дека растот во 2021 година е очекуван ако се земе предвид дека во 2020 година поради пандемијата не се патуваше и трансакциите за авиобилети и резервации на хотели беа драстично намалени.

Од вкупната вредност на трансакциите за онлајн пазарење во странство, дури 75,7 отсто од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на топ-10 земји.

Најголема вредност на трансакциите, односно најмногу онлајн плаќања Македонците реализирале кон Обединето Кралство, Унгарија и Ирска и тоа, според анализата на АЕТМ, донекаде е и очекувано имајќи предвид дека од овие земји потекнуваат Амазон, АСОС (Обединето Кралство), Фејсбук, Гугл (Ирска) и Визер (Унгарија).

 - Што се однесува до бројот на онлајн трансакции со македонски платежни картички во странство, високи 82,7 проценти од трансакциите завршиле во корист на топ-10 земјите – Луксембург, САД, Ирска, Холандија, Обединетото Кралство, Унгарија, Германија, Кипар, Бугарија и Хрватска. Најголем број трансакции со домашни платежни картички (вкупно 693.460) се реализирани во корист на e-продавници од Луксембург, каде што е регистрирана европската филијала на „Амазон“, преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од европските земји, без Обединетото Кралство - се вели во соопштението.

Од аспект на вредноста на трансакциите, додаваат од АЕТМ, просечна трансакција со платежни картички од земјава кон Обединето Кралство изнесува 58,5 евра и кон оваа земја е реализиран најголем износ на плаќања. Највисока просечна вредност се евидентира од e-плаќањата кон Унгарија, каде што доминираат плаќања кон „Визер“ и просечната вредност изнесува 129,5 евра, додека најмала просечна вредност се евидентира кон Луксембург на износ од 11,1 евра.

Извор: МИА
Фото: Freepik

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија