X
 31.08.2018 Наука

Не е гепард, ниту сокол: кое е најбрзото суштество на планетата?



Ова суштество не е ниту гепард, ниту сокол, туку е едноклеточен организам што се вика Spirostomum ambiguum, а обично може да се најде во водата. Гепардот при трчањето може да развие брзина од 96,5 километри на час, додека соколот може да лета со брзина поголема од 400 километри на час. Но, Spirostomum ambiguum може да се движи и побрзо од тоа благодарение на способноста да го намали своето тело за 60% за само неколку милисекунди.


Најбрзиот организам на планетата под микроскоп
(Фото: Wikipedia)


На научниците и натаму не им е познато како едноклеточните организми можат да се движат со толкава брзина без мускулните клетки што ги имаат поголемите организми. Исто така, не знаат како внатрешната структура на овие битија останува недопрена, без оглед како функционира контракцијата.

Сед Бамла, истражувач на Институтот за технологија во Грузија, добил одобрување од Националната научна фондација за истражување на контракции на движења на Spirostomum ambiguum. Тој се надева дека ќе се разоткрие како се движи ова суштество за подоцна да конципира идеја што би можела да се искористи кај нанороботите.

- Како инженери, ние обожаваме да набљудуваме како природата се справува со важни предизвици. Константно размислуваме како да ги имплементираме овие мали работи што се случуваат во природата. Ако сфатиме како функционираат, можеби ќе можеме да ја пренесеме таа информација за да овозможиме ситните роботи побрзо да се движат со употреба на помалку енергија - истакнал Бамла во соопштението.

Кога ќе се склопите во форма на топка како Spirostomum или ќе трчате како гепард, или ќе летате како сокол, ги активирате протеините актин и миозин во мускулните клетки кои се контрахираат и создаваат движење.

- Малите суштества како Spirostomum не се базираат на тој вид протеини. Кога би имале само протеини актин и миозин, кои ние ги имаме, не би можеле да соберат доволно сила за да се движат со таква брзина. Колку се помали, толку забрзувањето е поголемо – дури до 200 метри во секунда - додава тој.

Наместо тоа, овие суштества користат посложени молекули за да ја постигнат таа брзина, но истовремено да ја сочуваат внатрешната структура.

Бамла се надева дека ваквите молекули би можеле да доведат до значаен технолошки скок кој би се искористил за подобрување на перформансите на нанороботите.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука