X
 31.08.2018 Економија

За да се запрат климатските промени, модерниот капитализам треба да умре

Ерата на евтина енергија привршува и општествата ќе мора да ги преобликуваат потрошувачката на енергија и инфраструктурата или ќе се соочат со големи последици, предупредува нов научен труд.

Трудот е напишан од страна на биофизичарите во Истражувачката единица на БИОС во Финска, кои биле замолени од страна на Обединетите нации да придонесат за Извештајот за глобален одржлив развој (ГСДР), кој ќе биде објавен во 2019 година.

Трудот содржи некои отрезнувачки предвидувања. Тимот вели дека денешните доминантни економски теории и концепции на модерен капитализам се несоодветни бидејќи погрешно претпоставуваат дека општествата ќе имаат пристап до евтина енергија, како фосилните горива.

- Поради тоа што економиите првпат во историјата на човекот се префрлаат на енергетски извори кои се помалку енергетски ефикасни, производството на употреблива енергија ќе бара повеќе напор од страна на општествата за да се обезбеди енергија за основните и другите човечки активности - истакнуваат научниците.

Тимот повика општествата да почнат да размислуваат за нови модели на владеење и водење на економијата.

- Може безбедно да се каже дека ниеден економски модел со широка примена не е развиен за следната ера. Нашиот фокус е на транзицискиот период, следните неколку децении - посочуваат научниците, сугерирајќи дека глобалната економија се приближува до нова ера.

Што треба да се направи? Научниците потенцираат неколку клучни работи:

Користење помалку енергија и трансформирање на енергетската инфраструктура

Моментално е поскапо да се имплементира обновлива енергија отколку да се користат фосилни горива. Тимот предвидува дека ќе биде екстремно тешко, ако не и невозможно, да се исполнат моменталните или растечките нивоа на побарувачка на енергија во следните неколку децении со обновливи извори на енергија или други решенија. Поради тоа, има значителен притисок за намалување на вкупната потрошувачка на енергија.

Помалку патувања, поголема ефикасност

Одењето, возењето велосипед и електричниот јавен превоз треба да бидат нагласени во градовите низ светот, пишуваат научниците. За ова ќе бидат потребни промени во планирањето на градовите и во производството на возилата, во транспортната инфраструктура, како железници и станици за полнење, и во производството и складирањето енергија, како дополнение на редукциите во меѓународниот транспорт и авијацијата.

Општествата треба да произведуваат повеќе храна

Земјите треба да станат посамостојни на ова поле бидејќи ќе биде ризично да се потпираат на функционирањето само на неколку главни производствени области во иднината, пишува тимот.

Градење долготрајни дрвени куќи

Во градежништвото сега доминираат цементот и оловото, чие производство и други процеси се енергетски интензивни и предизвикуваат значителни емисии и други видови отпад.


Фото: BigThink

Научниците истакнуваат дека за сите овие промени ќе биде потребна невидена акција. Тие додаваат дека секое општество ќе треба да развие сопствено решение за навигација на транзицијата во одржлива економија, но дека за тие промени веројатно ќе биде потребна владина интервенција.

Научниците нудат пет решенија:

1. Мора да се стават под контрола активностите што ја оштетуваат околината за да се заштити интегритетот на земјините системи од кои зависиме.

2. Мора поефикасно да се менаџира со изворите што се клучни за благосостојба на човекот.

3. Мора да се стабилизира населението.

4. Мора да ја намалиме и на крајот да ја елиминираме сиромаштијата.

5. Мораме да обезбедиме сексуална еднаквост и да гарантираме дека жените имаат контрола над нивните одлуки за репродукција.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија