X
 31.08.2020 Наука

Дали Галилео навистина ја изговорил познатата реченица „Сепак се движи“?

Eppur si muove, односно „сепак се движи“ е една од најпознатите реченици во историјата на науката. Се смета дека ја кажал италијанскиот физичар, математичар и астроном Галилео Галилеј. Со векови оваа реченица поттикнувала конфликти помеѓу науката и религијата, односно помеѓу научниците и високите претставници на црквата.

Последниот ваков конфликт избувнал во 2008 година кога физичарите на Универзитетот „Сапиенза“ во Рим се спротивставиле на посетата на тогашниот папа Бенедикт Шеснаесетти бидејќи додека бил кардинал, во говор изјавил дека црковниот процес против Галилео бил оправдан и праведен.

Американско-израелскиот астрофизичар Марио Ливио, кој неодамна објавил нова биографија за познатиот научник, смета дека легендата за познатата реченица звучи предобро за да биде вистинита.

- Би било лудо Галилео да го кажал тоа пред инквизицијата - вели Ливио, кој долго време го истражувал потеклото на познатата реченица.



Фото: Галилео Галилеј/Wikipedia

За приватниот живот на Галилео не се знае многу. Тој бил роден во Пиза, во семејство со шест деца. Неговиот татко бил музички теоретичар, па Галилео учел да свири на разни музички инструменти како дете. Тој размислувал да стане свештеник, но неговиот татко го поттикнал да се запише на медицина, а на универзитетот во Пиза се вљубил во математиката. Подоцна предавал математика на универзитетите во Пиза и во Падова.

Не бил оженет, но 18 години бил во врска со Марина Гамба. Таа му родила две ќерки и еден син. Галилео ги испратил своите ќерки во манастир кога биле тинејџерки, а својот син подоцна го признал за свој наследник. Едната ќерка, Вирџинија, односно сестра Марија Селесте, била многу поврзана со татко си и се грижела за него. Таа умрела на 34-годишна возраст.

Публицистката Дејва Собел го истражувала животот на Марија Селесте и пронашла 124 писма што таа му ги напишала на својот татко, а така била создадена и книгата „Ќерката на Галилео“, која стана бестселер на почетокот од милениумот.

Што се случило во 1610 година?

Пресвртната точка во животот на Галилео се случила во 1610 година, кога тој со помош на телескоп направил повеќе откритија. Открил дека Месечината е карпесто тело слично на Земјата и дека Венера пројавува мени, што било доказ дека кружи околу Сонцето. Со помош на телескопот Галилео дознал дека околу Јупитер кружат четири месечини и дека Сонцето има дамки што покажуваат дека ротира.

Откритијата на Галилео биле потврда за хелиоцентричната теорија за универзумот поставена од полскиот астроном Никола Коперник и целосно ја уништиле дотогашната слика за светот која се засновала на Библијата, според која Земјата е центар на светот и околу неа се вртат сите небесни тела. Овие откритија му донеле многу проблеми на Галилео затоа што црквата не ги одобрувала и во 1616 година му забранила да ги проучува сознанијата на Коперник.

Но Галилео не можел да се помири со забраната и во 1632 објавил книга во која го претставил системот на Коперник. Поради ова дело, во 1633 бил одведен во Рим пред инквизицискиот суд. Од него се барало јавно да се откаже од Коперниковото учење и бил прогласен за еретик, а поради тоа остатокот од животот го поминал во домашен притвор.

Процесот што го водела инквизицијата против Галилео станал симбол на конфликтот меѓу науката и верата. Папата Иван Павле Втори дури во 1992 година се извинил за злосторствата на инквизицијата и признал дека Галилео страдал многу поради делата на црковните органи.

Кога се појавува легендарната реченица?

Првата биографија на Галилео била напишана од неговиот штитеник Винченцо Вивијана во 1655 и 1656 година. Според Ливио, реченицата „Сепак се движи“ првпат се појавила во извадок од книгата „Италијанска библиотека“ од Џусепе Барети објавена во 1757 година, повеќе од 100 години по смртта на Галилео. Тоа би можело да биде знак дека приказната за реченицата е мит.

Италијанскиот историчар Антонио Фаваро се занимавал со утврдување на потеклото на познатата реченица. Фаваро во 1911 година објавил неколку написи во кои детално ги образложил своите напори за утврдување на потеклото на реченицата. Таа година Фаваро примил писмо од Белгиецот Жулс Ван Беле, кој навел дека поседува слика направена околу 1643, набрзо по смртта на Галилео во 1642.


Фото: Слика „Галилео во затвор“/Wikipedia

Сликата му се припишува на шпанскиот сликар Бартоломео Естабан Мурило и го прикажува Галилео во затвор како во десната рака држи клинец, а на ѕидот покрај него се изрезбани зборовите „Eppur si muove“, заедно со скица од патувањето на Земјата околу Сонцето. Ван Беле верувал дека сликата некогаш му припаѓала на воениот командант Отавио Пиколомини, брат на архиепископот на Сиена. Интересно е тоа што Галилео ги служел првите шест месеци од домашниот притвор во домот на архиепископот. Тоа ја отвора можноста Галилео навистина да ја изговорил познатата реченица, но не пред инквизицијата.

Сепак, сликата на Мурило никогаш не била разгледана од независни историчари на уметноста. Кога Марио Ливио одлучил да ги истражи сознанијата на Фаваро, тој дознал дека никој не знае каде се наоѓа оваа слика. Експерти за сликарството на Мурило му кажале на Ливио дека се прилично убедени дека тој не ја нацртал сликата од Галилео во затвор. Еден експерт му рекол дека сликарот веројатно не е Шпанец, а друг сугерирал дека потекнува од 19 век.

По приближно една година потрага, Марио Ливио открил што се случило со мистериозната слика. Еден од потомците на Ван Беле ја продал сликата во 2007 на аукција, а тогаш таа била датирана во 19 век. Освен тоа, претставник на аукциската куќа потврдил дека на сликата немало потпис од авторот, ниту година на сликање.

Како што пишува Ливио во „Сајентифик Америкен“, историските докази покажуваат дека приказната за реченицата првпат се појавила или барем била документирана во средината на 18 век, долго по смртта на Галилео. Поради тоа, не може да се потврди автентичноста на реченицата.

- Без оглед на тоа, би било возбудливо доколку сегашниот сопственик на сликата „Галилео во затвор“ дозволи таа темелно да се истражи за да се утврди точната старост на делото. Дури и доколку Галилео никогаш не ги изговорил тие зборови, тие имаат одредена важност за нашите моментални, проблематични времиња кога дури и докажаните факти се на удар на оние што ја негираат науката. Легендарниот интелектуален инает на Галиело дека „и покрај она во што верувате, тоа се фактите“ станува поважен од кога и да е - вели Ливио.

Автор: Тања Рудеж
Извор: jutarnji.hr
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука