Затворањето поради пандемијата беше тешко за некои фармери, но некои нашле иновативни решенија. По месеци поминати со повици на „Зум“, многумина се борат да најдат начин да ги направат виртуелните состаноци поинтересни. Но, една фарма смело го искористила дигиталниот замор за свој профит така што продавала појавувања на козите на онлајн-состаноци.
Она што почнало како забава се претворило во клучен носител на приходи за фармата „Кронкшо Фолд“ во Ланкашир, која се соочила со проблеми откако секнале приходите од сместувачките капацитети.
Фармерите досега заработиле 50 илјади фунти од бизнисот кој го водат преку „Зум“, а се преплавени со резервации.
Козата може да ги изненади колегите и пријателите преку појавување во кое било време на состанокот за 5 фунти, а компанијата нуди избор на животни.
Клиентите можат да ја изберат Мери, која е бела коза опишана како „амбивалентна со ограничен опсег на концентрација“, или Лиза, која може да придонесе со „пасивно-агресивно блеење“. Други може да ја сакаат Елизабет, која има „сјајно крзно“ и „етикета за беспрекорни видеоповици“. Ако клиентите имаат среќа, на повикот може да се приклучат и нејзините деца.
Дот Меккарти, која ја презела фармата во 2016 година, ја видоизменила во одржлив бизнис, вклучувајќи едукативни патувања, свадби и сместување. Таа продолжила со онлајн-едукација за деца, покажувајќи им ги животните и одржувајќи часови, но опцијата за козите ја додала како шега.
- Ова почна како шега. Ми текна и ѝ ја кажав на работничката Ема и се согласивме дека е сосема откачено и дека треба да им дадеме приоритет на други идеи за заработка. Ја ставив понудата на страницата таа вечер заедно со е-адресата на Ема за резервации. Кога се разбудив, имав еден куп пропуштени повици од Ема, која ми кажа дека е преплавена со е-пораки и не може да држи чекор со побарувачката за повици на коза - објаснува Дот.
Луѓе од целата земја сакале коза да им се приклучи на онлајн-состаноците и фармата заработила 50 илјади фунти, а трендот брзо почнале да го следат и други фарми.
Дополнителните приходи од повиците ќе бидат вложени во инсталирање технологија за обновлива енергија на фармата.
Извор:
Telegraph
Насловна фотографија: Pixabay