Во текот на изминатите години е забележан значителен пад на работници во една струка во Велика Британија. Експертите предупредуваат дека и покрај големата потреба за одржување и поправка на автомобили, бројот на автомеханичари секоја година опаѓа.
Овој занает се соочува со сериозни предизвици - од недостиг на работници до сè поголема автоматизација и технолошки промени. Најновиот извештај за образование во автомобилската индустрија на британскиот Институт за автомобилска индустрија (ИМИ) открива дека во последниот квартал од 2024 година квалификациите во автомобилската индустрија опаднале за 4 % во споредба со претходната година. Ова е спротивно на порастот од 6 % во вкупниот број стручни технички сертификати и го одржува она што од ИМИ го опишуваат како долгорочно забавување на влез на таленти во секторот.
Падот на бројот на издадени квалификации продолжил и во 2025 година, а во првата половина на школската 2024/2025 година (септември-март) е забележан вкупен пад од 3 % во споредба со претходната година во бројот на започнати стажирања во автомобилската индустрија.
- Со растот на бројот на возила на патиштата во Велика Британија и намалувањето на бројот на техничари што се обучуваат за нивна поправка и одржување, возачите во Велика Британија се соочуваат со сè поголем ризик дека нема да можат да пронајдат квалификувано лице правилно да се грижи за нивниот автомобил - истакна шефицата за истражувања за кариера и инклузија во ИМИ, Ема Кариги.
Што се случува?
Според наводите на ИМИ, главните падови во техничките квалификации лежат во областите на механичките, електричните и завршните елементи, како и поправките при незгоди.
Спротивно на тоа, се чини дека сега најголем фокус се става на обуката за електрични возила, при што во Британија квалификациите за електрични и хибридни возила сочинуваат речиси половина (44%) од сертификатите во последните три месеци од минатата година. Притоа, вкупниот број квалификации за електрични возила опадна за 6 % во 2024 година во споредба со 2023 година, што е далеку од идеално кога ќе се земат предвид значителниот број нови електрични возила што се појавуваат на патиштата.
Нештата дополнително ги влошуваат повисоките цени за енергија и опрема, што на крајот ги става компаниите за одржување на автомобили под дополнителен притисок и ризик од затворање.
Извор:
Buka
Фото: Freepik