X
 01.02.2024 Живот

Почна штрајкот на 11 германски аеродроми

Патниците што планираат да летаат во или од 11 големи германски аеродроми денеска ќе мора да се снаоѓаат на друг начин, јави ДПА.

Персоналот за аеродромска безбедност на аеродромите во Франкфурт, Хамбург, Бремен, Берлин, Лајпциг, Диселдорф, Келн, Хановер, Штутгарт, Ерфурт и Дрезден почна еднодневен штрајк кој треба да трае до вечерва.

Синдикатот Верди го почна штрајкот доцна синоќа на аеродромот во Келн/Бон, каде што, според Верди, ноќната смена за контрола на патниците не се појавила на работа. Стапката на учество таму беше 100 проценти, соопшти портпаролот на синдикатот Озај Тарим.

Околу 80 отсто од движењата на летовите планирани за денеска во Келн/Бон се откажани, пишува на веб-страницата на аеродромот. Тарим очекува оваа пропорција да се зголеми во текот на денот.
На аеродромите во Берлин, Хамбург и Штутгарт откажани се сите полетувања. Во Диселдорф, пак, откажани се само една третина од летовите, а две третини сѐ уште се планирани.

Тарим го критикуваше фактот дека една компанија за обезбедување на аеродромот во Диселдорф понудила дополнителна исплата од 200 евра (216 долари) за вработените да дојдат на работа и покрај штрајкот. Според него, ваквиот „бонус за кршење на штрајкот“ е провокација.

Во Франкфурт, водечкиот германски авиопревозник Луфтханза планира да спроведе поголем дел од својата програма, вклучително и летови на долги релации. Ќе бидат понудени и летови за трансфер на патници. Сепак, превозникот предупреди дека патниците може да се соочат со подолго време на чекање во транзитната зона.
Според процените на асоцијацијата на аеродроми АДВ, околу 1.100 летови ќе бидат откажани или одложени. Ова би влијаело на околу 200.000 патници.
Нормалните летови најверојатно ќе продолжат утре. Следниот штрајк на Верди е токму утре и тоа на национално ниво во локалниот јавен превоз.

Аеродромите во јужната германска покраина Баварија, вклучително и во Минхен и Нирнберг, не се засегнати од штрајкот бидејќи безбедносниот персонал таму има работници од јавниот сектор покриени со поинаков синдикален договор.
Луфтханза нуди бесплатна пререзервација за погодените патници до 8 февруари.

Синдикатот Верди го свика штрајкот поради колективните преговори со приватни фирми за воздухопловна безбедност. Синдикатот бара зголемување на платите и други бенефиции за околу 25.000 вработени во обезбедувањето на аеродромите.

Извор: МИА

Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот