X
 19.04.2022 Наша тема

Од штрајкот најмногу губат матурантите

Имаме рокови, тешко дека сега може да се смени програмата за работа поврзана со матурскиот испит. За да се менува програмата во скратена верзија, треба да се носи нов закон. Може да се случи сите овие денови што ги губат да треба да се одработат, не се знае дали ќе бидат саботи, дали онлајн ќе се одржуваат изгубените часови, вели Андреј Манолев, директор на гимназијата „Никола Карев“

Штрајкот на просветните работници им ги наруши плановите на матурантите и професорите кои требаше да ги подготват за претстојниот испит на зрелоста. Секоја година, на крајот од април и почетокот на мај, на дополнителни часови професорите им ги појаснуваа нејаснотиите околу самиот испит и вежбаа за она што следува во јуни.

Андреј Манолев, директор на гимназијата „Никола Карев“, за Факултети.мк вели дека дополнителни часови во овој период нема поради штрајкот во просветата.

- Матурантите најмногу губат. Затоа е најдобро да прекине штрајкот за да може учениците да влезат во работни активности. Имаме рокови, тешко дека сега може да се смени програмата за работа поврзана со матурскиот испит. За да се менува програмата во скратена верзија, треба да се носи нов закон. Може да се случи сите овие денови што ги губат да треба да се одработат, не се знае дали ќе бидат саботи, дали онлајн ќе се одржуваат изгубените часови - вели Манолев.



Ако продолжи штрајкот, односно ако се продолжи учебната година, тоа ќе биде проблем за учениците што сакаат да студираат во странство бидејќи мора да имаат положено државна матура навреме.

- Тие ученици кај нас први ги добиваат дипломите за завршено средно образование. Во „Карев“годинава имаме 276 матуранти. Збунети се сите, и тие и професорите. Знаат колку работа ги чека, а немаат избор. Си имаат агенди, излегоа сите рокови во врска со полагањето државна матура. Си имаат распореди за дополнителна настава за да работат со децата, но сега се на ставени на чекање - додава Манолев.

Неговиот колега Јован Петрески од гимназијата „Панче Арсовски“ информира дека во штрајк се 20 професори од вкупно 42 во оваа образовна институција.

- Овие дополнителни часови наменети за матура требаше да се одржат сега за да им бидат свежи знаењата на учениците. На 4 јуни е полагањето на првиот предмет, а потоа и на другите. Ако до вторник-среда се најде решение, не е проблем, ќе се надомести сѐ. Но, ако штрајкот трае подолго, рокот ќе им биде многу збиен, а тоа ќе се одрази врз квалитетот на знаењата што треба да ги имаат за државната матура - смета директорот Петрески.


Силвана Кржовска, директорката на гимназијата „Јосип Броз Тито“, кусо нѐ информира дека во оваа гимназија професорите што не се во штрајк работат со матурантите, а другите не.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема